Драстично намалување на површините под лозови насади бележи Државниот завод за статистика од 2006 година до 2009 година. Од 24.266 хектари, колку што биле под лозје во 2006 година, бројката е намалена на 19.960 хектари во 2009 година. Оттогаш почнуваат да се зголемуваат насадите, но с` уште не сме вратени на нивото на 2006 година. Во 2011 година бројката била 20.164 хектари.
Од друга страна, според податоците на Министерството за земјоделство, долгогодишните лозовите насади се распространети на површина од речиси 33.000 хектари. Во Министерството за земјоделство велат дека податоците што се водат во рамките на Заводот за статистика се добиваат врз основа на статистичка пресметка и во голема мера се разликуваат од податоците со кои тие располагаат.
– Врз основа на овие податоци, Секторот за лозарство, винарство и овоштарство во периодот април-јуни 2012 година изврши анализа на површините под лозови насади во земјава. Според анализата, под долгогодишни лозови насади се евидентирани вкупно 29.095 хектари, како и дополнителни 804 хектари, кои се претежно лозови насади. Освен ова, постојат и дополнителни 7.049 хектари земјоделско земјиште, кои се евидентирани под долгогодишни насади (овошни и лозови), а за кои од фотоинтерпретацијата не може да се утврди со сигурност дали се работи за овошни или лозови насади. Ако се земе предвид дека најмалку 50 отсто од дополнителните недефинирани долгогодишни насади ќе им припаднат на лозови насади (приближно 3.500 хектари), вкупните површини под лозови насади би достигнале околу 33.400 хектари – велат во Министерството за земјоделство. Оттаму објаснуваат дека ако се има предвид дека од вкупните лозови насади 30 проценти отпаѓаат на трпезно грозје, вкупните површини под лозови насади со винско грозје, односно за производство на вино се околу 23.500 хектари.
Според ресорното министерство, причина за намалените површини под грозје не е масовното копачење на лозјето.
– Нема евидентирано масовна појава на копачење на лозовите насади. Во последните години се забележени само појави на копачење на лозови насади за целите на нивно обновување кај застарени лозови насади, како и за промена на видот на производството најчесто трансфер од винско во трпезно грозје. И во двата случаја, квантумот на површини под лозови насади не е намален – велат во Министерството.
Според нив, доказ дека нема намалување на површините е и податокот оти лани сме добиле грозје колку што било предвидено.
– Покрај тоа што е евидентиран намален принос за 10-15 отсто во споредба со минатата година поради измрзнување на виновата лоза како последица на ниските температури, сепак вкупното производство на грозје, трпезно и винско, остана во рамките на оствареното производство во последните неколку години, 230.000 до 250.000 тони – објаснуваат во Министерството.
Земјоделците секој со своја приказна. За едни, статистичките бројки се во ред и ја отсликуваат состојбата на терен, за други поисплатливо е да се произведува трпезно грозје и да се ископачи винското.
– Имав стар насад од татко ми со „смедеревка“. Во еден период никој не ја купуваше, па насадив други сорти. По неколку години и нив никој не ги сакаше, па ги заменив со трпезно грозје. Сега за сега е добро, но како ќе биде во иднина, никој не знае – вели Миле Трајков од Kавадаречко.
Експертите велат дека намалувањето на лозовите насади е тренд и во Европската Унија.
– И во Еропа има генерално опаѓање на површините под лозје, особено во Италија и во Франција. Унијата даваше дури пари за копачење на лозја. Според мене, иднината на македонското лозје треба да се гледа во трпезните сорти и во извозот на Блискиот Исток – вели професор Борис Анакиев.
Валентина Ангеловска
Најсубвенционирана гранка
Во рамките на Програмата за финансиска поддршка на земјоделството се предвидени субвенции по неколку основи за лозарите. Првата е директни плаќања по површина за одржување постојни лозови насади околу 40.000 денари за хектар, за производство на домашен лозов калем и саден материјал по 25 денари за калем, инвестиции за подигнување нови лозови насади до 50 отсто од трошоците, помош за направени трошоци за маркетинг и амбалажа за реализиран извоз на флаширано вино. Лозарите добиваат помош за трошоци за транспорт на земјоделски производ од место регистрирано за откуп до преработувачки капацитет за производство на вино, кое се плаќа по километар. Исто така се предвидени пари од ИПАРД за половина од трошоците за инвестиции во земјоделски стопанства, инвестиции за набавка на опрема за подобрување на квалитетот на виното и инвестиции за активности за рурален туризам како инвестирање во изградба на сали за дегустации и вински подруми лоцирани во винските региони на општините Kавадарци, Неготино, Демир Kапија, Градско и Росоман.
Извор: dnevnik.mk