Почетна / Вести Македонија / Стопанската комора им порачува на тутунарите да засеат помалку тутун годинава

Стопанската комора им порачува на тутунарите да засеат помалку тутун годинава

Производството на тутун во земјата не е загрозено, но тутунопроизводителите мора да се придржуваат до договореното производство од 26.000 тони за реколтата 2014/2015 година, порачуваат од Стопанската комора на Македонија.

Производството на тутун во земјата не е загрозено, но тутунопроизводителите мора да се придржуваат до договореното производство од 26.000 тони за реколтата 2014/2015 година. Ако засадат поголеми количини на тутун, повеќе од сигурно е дека ќе бидат вишок и ќе останат неоткупени.

Според Здружението за земјоделство и прехранбена индустрија при Стопанската комора на Македонија можни се негативни импликации со оглед на состојбата во соседството, особено Бугарија, Турција и Грција, кои бележат значително зголемен род.
Според податоците од Министерството за земјоделство годинава беше остварен рекорден принос на тутун кој достигна ниво од 32.000 тони. Беа склучени исто така рекордни 43.000 договори за откуп со тутунопроизводителите, а беа насадени 20.000 хектари под тутун. Извозот годинава достигна 26.000 тони тутун од што се реализирани 120 милиони евра, 3.000 тони тутунски производи или 20 милиони евра.

Од комората порачуваат до земјоделците да ги почитуваат препораките кои досега неколкупати беа посочени и да го оптимизираат производството за следната реколта.
– Пропорционалното намалување на површините под тутун за 20% што беше договорено во Министерството за земјоделство, ќе се проектира и на терен. Оштетени нема да има зашто сите производители ќе партиципираат во редукцијата зависно од големината на површините, истакна Васко Ристовски од Комората.

Според него, Македонија треба да размислува не само да го врати производството на оптималното ниво, туку и да го зголеми. Во оваа насока се предвидени повеќе активности. Една од нив е претстојната меѓународна манифестација за дегустација на тутун и преработки закажана за почетокот на идниот месец во Охрид.
– Ова ќе биде одлична можност за промоција на нашиот ориентален тутун кој е со врвен квалитет, негова интернационализација, наоѓање нови партнери со цел освојување нови пазари и зголемување на извозот, посочи Ристовски.

Во рамки на манифестацијата, 23 дегустатори од земјава и странство анонимно ќе ги пробуваат примероците тутун. Ќе се доделуваат награди, а организаторите размислуваат и за воведување избор на најдобар тутунар како вид стимулација на производителите.
Филип Витановски, претставник на Меѓународното здружение на дегустатори на тутун за Македонија смета дека македонскиот тутун има висок квалитет, а цигарите кои се произведени во земјава и се нудат на домашниот пазар се со добар квалитет, иако досега не добиле признание за тоа.

Најголеми побарувачи на македонски ориентален тутун се Белгија, Бугарија, Германија, САД, а на тутунски производи БиХ и Србија.

Извор: vecer.com.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …