Производството на пилешко месо е интегриран ланец и е многу сличен на производството на автомобили. За да се добие квалитетен производ потребни се многу добавувачи коишто треба да се поврзат во еден ланец, но, за жал, кај нас нема соработка меѓу сите нив. Големо влијание има и немањето на обртни средства што го прави овој бизнис речиси невозможен во Македонија, вели професорот Драгослав Коцевски.
Додека во светот и во Европа расте производството на пилешко месо, во Македонија речиси и го нема, па македонскиот купувач за да ги задоволи своите потреби од овој вид месо се снабдува од маркетите со увозно свежо или смрзнато.
Статистичките податоци го потврдуваат тоа. Според Државниот завод за статистика лани во земјава биле произведени 20.856 тони месо, од кои само 1.801 тон отпаѓа на живинско месо или, околу 300.000 пилиња годишно, наместо еден милион како пред 7 години. И ова производство од домашни капацитети, како што вели вонредниот професор на Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје, Драгослав Коцевски, се продава на фабриките во Босна и Херцеговина за правење паштети.
– Производството на пилешко месо е интегриран ланец и е многу сличен на производството на автомобили. Значи, за да се добие квалитетен производ се потребни многу добавувачи што треба да се поврзат во еден ланец, но, за жал, кај нас нема соработка меѓу сите нив. Големо влијание има и немањето на обртни средства што го прави овој бизнис речиси невозможен во Македонија – вели Коцевски.
Живинското месо се јаде ширум светот, а потрошувачката секојдневно расте. Причините за порастот се релативно ниските трошоци на производство, брзината на гоењето (брз обрт на капиталот), високата нутритивна вредност на месото, огромен број на производи од живинско месо, релативно ниска продажна цена, како и тоа дека квалитативните карактеристики на живинското месо се компатибилни со современите начини на исхрана на луѓето.
Коцевски вели дека тоа го покажуваат и статистичките податоци. Во 2006 година побарувачката по пилешко месо во земјава изнесувала 26.445 тони, а во 2012 година достигна 36.865 тони. Но, во 2006 година сме имале 3.715 тони домашно производство на пилешко месо и увоз на 22.783 тони, а во 2012 година има опаѓање на производството на 1.945 тони и раст на увозот на 35.000 тони живинско месо од кое најголем процент е во смрзната состојба и многу малку во свежа. Заклучно со 5 декември лани, пак, увезени се 3.553 тони повеќе живинско месо во споредба со 2012 година, а најголеми количини се увезени од Бразил, Германија, Холандија, потоа од Грција, Белгија и од Романија. За годинава се очекува бројката да биде уште поголема.
Токму силната конкуренција од надвор, покрај скапата храна за одгледување живина, им е голем проблем на домашната индустрија. Увозниците од земјава го зголемуваат увозот на пилешко, бидејќи е многу поевтино од јунешкото чија цена на светските берзи драматично скок(н)а во последниве месеци, поради што граѓаните ја зголемија побарувачката по пилешко. Се очекува и глобалната побарувачка забрзано да расте. За периодот 2013-2022 година се очекува да остане најбрзо растечки прехранбен сектор во смисол на производство.
Според познавачите на бизнисот, производството на пилешко месо може да биде многу профитабилно. Европската живинарска индустрија вработува над 302.000 луѓе и има годишен промет од 30 милијарди евра и на тој начин е една од најважните стопански гранки во Европа. Нашите производители велат дека ќе може да работат профитабилно само ако функционираат нормални услови во економијата, каде што нема проблеми со наплатата и нелојалната конкуренција од странство. Важен фактор е и животниот стандард, затоа што најголем процент од граѓаните купуваат смрзнато пилешко бидејќи е поевтино, без оглед на неговото потекло. Токму тоа беше причина словенечкиот производител Перутнина Птуј во пет држави од Југоисточна Европа (Македонија, Косово, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина) да започне со 3-годишен информативен проект на ЕУ и Република Словенија со наслов “Квалитетно, безбедно, следено – живинско месо со потекло од ЕУ”, каде ќе ги информира потрошувачите за вертикално интегрираниот систем на производство во европската живинарска индустрија кој обезбедува на трпезата на потрошувачите во ЕУ да стигне само квалитетно и безбедно живинско месо.
Потрошувачка на живинско месо во Европа
Према податоците на Организацијата за храна и земјоделие на ОН, ФАО, помеѓу 2000 и 2009 година просечната потрошувачка на живинско месо по глава на жител пораснала побрзо во Европа отколку во било кој друг регион. Според податоците, потрошувачката на живинско месо се зголемила од 16 килограми по жител годишно на готово 22 килограми во 2009 година во земјите од ЕУ, додека во земјите надвор од Унијата, потрошувачката се зголемила од 19,8 на 22,2 килограми по жител. Денес живинското месо е втор најважен вид на месо во Европската унија и европското годишно производство изнесува околу 11 милиони тони.
Според податоците на ФАО, во 2009 година Македонецот изел 17,3 килограми пилешко (во 2012 г. изел 18,2 килограми), Босанецот 11,5 килограми, Србинот и Црногорецот по околу 8 килограми.
Извор: vecer.com.mk