Почетна / Вести Македонија / Што го крши оризовото зрно?

Што го крши оризовото зрно?

Се уште не е утврдена причината за енормната кршливост на оризовото зрно што годинава ги затече производителите. Приносот, велат, е преполовен и кои било мерки да се донесат, нема да ја надоместат загубата.

Состојбата значително ја отежнуваат преработувачите со намалувањето на откупната цена, од 20 на 12 денари за килограм.

Како што констатира Потсекторската група за житни култури на состанокот во Министерството за земјоделство, примената на одредени агротехнички мерки или некоја група хербициди, како и неупотребувањето квалитетен семенски материјал се меѓу потенцијалните фактори што го намалија квалитетот на оризот.
– Се соочуваме со неочекуван проблем за кој причините се непознати. Затоа бараме помош од сите институции кои се во можност да дадат насоки и совет. Претстојат консултации со науката која очекуваме да се произнесе и околу можноста кршливите зрна ориз да се искористат како сточна храна – изјави министерот за земјоделство, Љупчо Димовски по состанокот.

Потсекторската група расправаше и за моментното функционирање на пазарот.
– Односите на пазарот се нарушени, понудата на арпа е многу повисока од побарувачката. Ќе ги искористиме сите инструменти што се на располагање, повторно ќе разговараме со двете страни. Имаме максимално коректен однос од страна на производителите, тоа го очекуваме и од откупувачите – потенцира министерот Димовски.

На Македонија првпат и се случува проблем со кршливост на оризовото зрно. Од годинашниот принос на арпа кој достигна 24.000 тони, ќе се добијат најмногу 7.000 тони бел ориз што е преку третина од вообичаените 12.000 до 13.000 тони. Изминатите пет години површините под ориз се зголемени за 60%, а вкупното производство на оризова арпа за 71%.

Извор: http://vecer.com.mk/?ItemID=20FE0499B8740D4D8A76F4385AD77990

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …