Млекопроизводителите се затечени од категоризацијата на фармите која итно мора да ја направат и сметаат дека е многу ригорозна, но официјалните податоци велат дека нехигиената при молзењето и несоодветното чување на млекото кај малите фармери се главни виновници за лошиот квалитет на млекото.
Регистрација на сите фарми за производство на млеко во Агенцијата за храна, контрола на секој литар млеко што излага од нив, максимална хигиена на одгледувалиштата и исполнување на стандардите за безбедност на храна до 2015 година се само дел од критериумите кои треба да ги исполнат сточарите со новата Уредба за преструктурирање на објектите за безбедност на храната. Експертите го поздравуваат донесувањето на Уредбата и велат дека ако сакаме млекото да заврши на европските трпези, сточарите не смеат да произведуваат млеко со над 100.000 микроорганизми на милилитар. Млекопроизводителите се затечени од категоризацијата на фармите која итно мора да ја направат и сметаат дека е многу ригорозна. Официјалните податоци велат дека нехигиената при молзењето и несоодветното чување на млекото кај малите фармери се главни виновници за лошиот квалитет на млекото. Ако се земе предвид дека во земјава околу 86,4 отсто се фарми со од 1 до 5 крави, а анализите од Европската унија покажуваат дека профитабилни фарми се оние со минимум 120 крави, прашање е колку ќе се успее во намерата за подигање на квалитетот на посакуваното ниво.
Неисполнување на стандардите
– Заради безбедноста на купувачите мора да се крене нивото на хигиена на одгледувалиштата за две години. Направена е категоризација на фармите и во првата група се сите што ги исполнуваат условите за безбедна храна и имаат помалку од 400.000 соматски клетки на милилитар. Во втората група се фармите со поголемо количество микроорганизми од 100.000, а во третата група се сите останати. Одењето кон погорните категории е строго пропишано и ќе се контролира од ветеринарните служби – велат во Агенцијата за храна.
За да се одреди категоријата во двата последователни месеца ќе се земаат по четири мостри од фарма врз основа на кои истата ќе се категоризира. Но, ова не значи дека стекнатата категорија не може да смени. Ако се променат резултатите, ќе се смени и категоријата.
Уредбата предвидува суровото млеко од разни категории фарми да се собира посебно и одвоено да се транспортира до објектите за преработка, а не како досега и квалитетното и неквалитетното млеко да се собираат на едно место. Агенцијата ги обврзува сите фарми кои имаат повеќе од пет крави да обезбедат и посебна просторија за чување на млекото.
– Млекото од помалите, индивидуални фарми во Македонија исполнува само девет отсто од европските нормативи за квалитет и 45 проценти од домашните. Големите капацитети, пак, задоволуваат речиси 90 отсто од европските стандарди. Расниот состав, исхраната, здравствената заштита и крмната база се клучни фактори за подобро млекопроизводство. Микроорганизми, соматски клетки, механички примеси се само дел од нечистотиите кои ги содржи македонското млеко. Иако има нов правилник кој го одредува квалитетот, само мал дел од фармерите ги исполнуваат стандардите пропишани со него – велат професорите од Факултетот за земјоделство и храна. Според нив, уредбата е одлична, но тешко применлива ако се знае дека најголем проблем се малите фарми со една до три крави кои најмногу ги има во земјава.
Недостига едукација
Земјоделците признаваат дека, поради скапата добиточна храна, имаат висока цена на млекото и мала конкурентност на пазарот и не им се исплати да вложуваат во автоматски молзачи кои се главен услов за намалување на загаденоста на македонското млеко.
Тие сепак се убедени дека ќе успеат да го приспособат млекопроизводството во претстојниот период од две години. Притоа, големо внимание, велат, ќе мора да се посвети на нивната едукација. Тоа во моментов е најбитниот сегмент за подобрување на квалитетот на млекото.
– Едукацијата на земјоделците е неопходна зашто само така ќе можат во практиката да ги применат сите претходно спомнати фактори – расниот состав, исхраната, заштитата,… Посебен стимул ќе бидат исплатата на млекото и давањето на субвенциите по квалитет. Тоа се две добри причини за да произведуваме квалитетно млеко – велат во Сојузот на земјоделци на Македонија.
Македонија е меѓу последните земји во Европа каде што с` уште опстојуваат мали сточарски фарми со по неколку говеда. Според сточарите, сериозен проблем е тоа што дури 30 проценти од фармите во Пелагониско, еден од најбогатите региони во државата со млеко, одгледуваат од две до десет крави. Ваквата ситуација на терен го намалува квалитетот на произведеното млеко.
– Во Пелагониско има претежно фарми со повеќе крави, но не е мал бројот на оние што имаат од 15 до 20, а дури 30 проценти од сточарите егзистираат одгледувајќи неколку грла молзни крави. Големината на фармата влијае врз квалитетот на млекото. Поголемите сточари вложиле во современа опрема и лактофризери, па млекото им се откупува по 30 денари за килограм. Помалите кои се обидуваат да го изладат на други начини, добиваат по 27 денари – рече Драги Нечовски, еден од покрупните фармери во битолскиот регион.
Но, во пелагонискиот регион с` уште постојат сточари кои млекото го предаваат на други места, па не располагаат со лактофризери и го носат неизладено.
Србија го враќа афлатоксинот во млекото на 0,05 микрограми
Потпретседателот на српската влада Александар Вучиќ најави дека во следните 15 дена владата со свој акт повторно ќе ја намали границата на присуство на афлатоксин во млекото на 0,05 микрограми на килограм, пренесуваат српските медиуми.
Тој кажа дека во аферата со афлатоксинот во млекото се утврдени пропусти на надлежните државни институции и дека најмалку четворица ќе бидат сменети поради тоа – директорот на Управата за заштита на растенијата, директорот на Управата за ветеринарство, началникот на одделението за здравје и растителен карантин на Управата за заштира на растенијата и началникот на одделот на фитосанитарната инспекција за безбедност на храната при истата Управа.
Тој додаде дека на Kнежевиќ му има забележано затоа што законскиот лимит за присуство на афлатоксин во млекото од 0,05 го подигнал на 0,5 микрограми на килограм.
Намалувањето на концентрацијата на афлатоксин доаѓа само неколку дена откако српските власти ја зголемија дозволената содржината од оваа опасна материја во млекото.
Валентина Ангеловска
Извор: dnevnik.mk