Лозови и овошни садници и подлога за овошни садници беа спалени вчера на депонијата кај Неготино откако Државниот инспекторат за земјоделство преку контрола во акредитирана лабораторија, констатира дека се работи за садници со сомнителен квалитет.
Директорот на Државниот инспекторат Румен Стаменов, појасни за новинарите дека се работи за 5.500 парчиња садници кои се спалуваат оти се проблематични.
– Тие беа заразени со вирус на шарка кој е карантински штетник и мора да се уништи. Местото каде што стоеја додека траело испитувањето исто така ќе биде соодветно третирано. 5.050 садници лозова сорта мускат хамбург има економски штетник или вирус на свиткувачот на листот на виновата лоза кој придонесува за помали приноси кај лозите, па со записник се вратени на производителот во Србија – рече Стаменов.
Дополнително, информира ќе бидат уништени илјада садници во Крива Паланка и во Скопско во наредните неколку дена.
Стаменов најави дека се продолжува со контролите бидејќи од Република Србија се појавија садници со сомнителен квалитет па мора задолжително да се проверува стоката која доаѓа од таму.
– Сево ова е всушност една пратка и се случува прв пат откако сум јас директор иако земјоделците кажуваат дека сомнителни садници имало и порано, но не се реагирало. Ветивме дека семето, садниот материјал, вештачките ѓубрива и пестицидите постојано ќе ги контролираме и тоа го правиме. Ќе бидеме ригорозни кон сите кои ќе се обидат да го изиграат нашето законодавство – изјави Стаменов.
Тој најави дека денеска во Битолско ќе се одземат 100 тони вештачко ѓубриво кое не соодветствува на декларираните особини за квалитет, а ќе биде предадено во Агенцијата за одземен имот. Потсети дека во изминатиот период беа одземени и пестициди кои не се дозволени за употреба, а кои исто така завршија во Агенцијата.
Според него, сега се вршат темелни контроли на земјоделските аптеки особено големите увозници со цел да се почитуваат законите. Стаменов апелираше до земјоделците доколку забележат пестицид со поминат рок, а предеклариран, да се јават во Инспекторатот кој покрај редовните ќе изврши вонредна контрола. Инспекторатот ги има зајакнато контролите на граничните премини.
Претставникот на земјоделците, Ефтим Шаклев, посочи укажа на тоа дека доколку пестициди отишле во промет илјадници хектари земјоделска површина, како што рече, ќе беа третирани со неисправни хемиски препарати.
– Добро е што им се застанува на патот на шверцерите кои со продажба на неисправни семиња, садници, ѓубрива и пестициди остваруваат големи профити на грбот на земјоделците. Тоа е мафијата во земјоделството. Инспекторатот ја врши својата работа, но во иднина и правните служби треба да направат се за виновниците да бидат соодветно казнети – изјави Шаклев.
Извор: vecer.com.mk