Мелничарите велат дека во земјава е неисплатливо да се меле домашна пченка поради слабото и неконтинуирано производство, како и неквалитетот што се добива на крај.
Ви се случило пред да купите „палента“ или пченкарно брашно да прочитате декларација? Ако сте еден од малкутемина, сигурно сте се изненадиле од податокот дека иако производителот е домашен, потеклото на пченката е од соседните држави. Мелничарите велат дека е неисплатливо да се меле домашна пченка поради слабото, неконтинуирано производство и неквалитетот што се добива на крај. Официјалните податоци, пак, на Министерството за земјоделство велат дека од потребните 250.000 тони, во државава лани се произведени 200.000 тони. За разлика од нив, земјоделците велат дека ланскиот принос задоволил само половина од потребите на државава или биле произведени околу 150.000 тони. Сосема различни се податоците на Државниот завод за статистика, според кои, до пред три години сме имале домашна пченка само за четири месеци. „Дневник“ се обиде да стигне до вистината и да утврди која е реалната бројка и да одговори на прашањето зошто и покрај субвенции од 6.000 денари за хектар, интересот за производство на пченка е многу мал. Земјоделците велат дека најголем проблем е немањето навика за одгледување на оваа култура.
– Точно е дека домашното производство задоволува само половина од потребите и речиси целосно завршува како добиточна храна. И нам не ни е јасно зошто земјоделците одгледуваат пченица, а не пченка ако се знае дека продажбената цена е иста, а приносот кај пченката е двојно поголем од пченицата. Најверојатно проблем е што не можат да се наводнуваат нивите. Оти кај пченката ако нема вода, нема производство. Навистина последниве две години е зголемено производството, но тоа не е доволно – вели Вељо Тантаров, претседател на Сојузот на земјоделци на Македонија. Според него, проблем се и сушарите за пченка, кои ги има многу малку.
– Можеби квалитетот на пченката не е како кај српската или бугарската, но не е точно дека нашата пченка не чини. Потребни се поголеми капацитети за сушење кои ќе ги користат земјоделците. Во нив речиси никој не инвестира – велат во Сојузот. Од таму апелираат до сите нивни членови добро да размислат пред да се одлучат која култура ќе ја посеат, особено во Западна Македонија, каде што има услови за одгледување пченка, но нема навика за нејзино производство.
Мелничарите велат дека Македонија нема доволно пченка за добиточна исхрана, а за исхрана на луѓрто нашата пченка нема квалитет.
– Мелењето пченка бара посебен начин на сушење и целата постапка е многу комплексна. Плус набавката на една линија за мелење пченка е многу скапа. Потребна е посебна фабрика за оваа намена бидејќи не се користи истата техника како кај пченицата. И да се решиме на ваков чекор, неконтинуираното производство и немањето квалитет ќе значат брзо пропаѓање на секој што ќе се одлучи на ваков чекор – велат во мелницата „Kадино“. Што се однесува до квалитетот на српската пченка, веруваат дека тоа што се продава е квалитетно и испитано и ги поддржуваат надлежните во контролите.
Во „Жито лукс“ велат дека Србија е еден од најголемите производители на пченка на Балканот, потребите на Македонија за овој тип производи се релативно големи, а можностите за производство во потребната количина се помали.
– „Жито лукс“ е сертифицирана компанија, која нуди висококвалитетни производи и секогаш внимателно ги избира своите соработници и развива соработка само со проверени и сигурни доставувачи. Процедурата на работење наложува дека производите нема да се пуштат во промет додека не се добијат резултати од анализи на акредитирани државни лаборатории во случај на увозни суровини, каде што се прави проверка на нивниот квалитет, сигурност и безбедност.
Kонтроли и анализи на нашето пченкарно брашно се прават и од Агенцијата за храна и ветеринарство, кои потврдуваат дека пченкарното брашно што „Жито лукс“ го пласира на пазарот е сигурно и безбедно за консумација – велат од компанијата.
Според Заводот за статистика, последните податоци што ги имаме за производство на пченка се од 2010 година, кога биле произведени околу 80.000 тони. Од Министерството за земјоделство велат дека лани е остварен вкупен увоз на пченка од 63.205 тони, а во 2011 година од 62.989 тони. Што се однесува до домашното производство, лани биле произведени 200.631 тони, а биле посеани 39.000 хектари. Субвенциите се 6.000 денари за хектар, а земјоделецот ако користи сертифициран семенски материјал, ќе добие уште 3.000 денари.
Наместо како се одгледува, како се користи?
На официјалната веб-страница на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството, која ги советува земјоделците што и како да произведуваат, има посебен текст насловен како „Технологија на одгледување на пченка“. Меѓутоа, наместо за начинот на производство и технологијата, пишува дека пченката има широка употреба и претставува важна прехранбена, фуражна и техничка култура.
– Зрното е најважниот производ заради кој најчесто се одгледува пченката. Има висока хранлива вредност, а може да се користи за: човечка храна, исхрана на добитокот и за индустриска преработка. За човечка исхрана се користи како варено зрно, пуканки, конзервирана или како пченкарно брашно и гриз. Со индустриска преработка се добиваат голем број прехранбени производи: масло за јадење, пченкарни снегулки, чипсови, смоки, или во пекарската индустрија се произведуваат специјален леб и бели украсни печива – објаснуваат од Агенцијата.
Валентина Ангеловска
Извор: dnevnik.mk