Почетна / Агроекономија и агробизнис / Србите се потепаа по македонската ајварка

Србите се потепаа по македонската ајварка

Викендов на кумановскиот пазар вриеше од граѓани на јужна Србија кои не само што се снабдуваа со месо и сувомеснати производи по цени кои се дури и за 30% пониски од оние во Србија, туку купуваа и кондиторски производи, сирење, кашкавал, козметички и хигиенски производи, но и вреќи црвен пипер за да прават ајвар.

 

Македонија станува регионален шопинг центар. Земјава е омилена дестинација на нашите северни, јужни, источни и западни соседи, бидејќи секој викенд од нив има наплив од еднодневни шопинг тури во македонските погранични градови.

Причините за ваквите состојби се лоцираат во кризата и скапата храна што е резултат на сушата и климатските промени, кои пак, предизвикаа да се намали родот на земјоделските производи и пченицата како основен извор за лебното брашно.

Кумановскиот пазар е пример за тоа. Викендов на кумановскиот пазар вриеше од граѓани на јужна Србија кои не само што се снабдуваа со месо и сувомеснати производи по цени кои се дури и за 30% пониски од оние во Србија, туку купуваа и кондиторски производи, сирење, кашкавал, козметички и хигиенски производи.

Во екот на зимниците Србите купуваат и црвени пиперки што е очигледно дека нашите северни соседи оваа зима ќе јадат ајвар од македонски пиперки. Добар дел од српските купувачи се снабдуваат и со готова конзервирана зимница. Има и такви на кои купувањето храна од кумановскиот пазар им носи заработувачка, оти тие потоа на пазарите во Врање, Сурдулица, Прешево и Бујановац ги препродаваат нашите производи за нивните сограѓани кои не се во можност да патуваат.

Српските медиуми деновиве информираат дека во градовите на јужна Србија врие од македонски производи и дека тие се ценети и барани од српските купувачи заради нивниот стандарден квалитет, но и поволната цена.

Слична е сликата и во јужниот дел на Македонија. Грчки соседи не само што купуваат храна од Гевгелија, Богородица и Битола, тие користат многу медицински и стоматолошки услуги оти тие за нив се по екстра цени кои се повеќе од 50% поевтини од оние што се нудат во нивната земја.
-Гркинките се разубавуваат во козметичките студија, користат разни третмани за слабеење, маникир и прават свечени фризури – вели една сопственичка на козметички салон од Гевгелија. Таа ни посочи дека многу грчки невести се подготвуваат за највеселиот ден токму во гевгелиските салони, бидејќи за нив цените се речиси смешни, а во Грција чинат цело мало богатство.

Аптеките во Куманово, Крива Паланка, Благоевград ги празнат српските и бугарските државјани коишто доаѓаат специјално да ја обезбедат својата месечна терапија по поевтини цени. Некои од лековите во Македонија се дури за 30% поевтини од оние во Бугарија и Србија. Недостатокот на онколошки препарати во Србија ги наведе граѓаните од соседните држави да доаѓаат во Македонија за да се обезбедат со лекови коишто за нив живот значат.

Социолозите, сепак, на оваа појава гледаат поинаку. Тие предупредуваат дека иако границите се отворени и нормално е граѓаните да купуваат храна кај соседите кога има поголема разлика во цените, но сепак треба да се има една доза на мерка.
-Во вакви ситуации сметам дека државата треба да најде начин оваа појава да ја стави под контрола, бидејќи може да се случи македонското население да остане без храна. Ако државата дава субвенции во земјоделскиот сектор за да се произведе поевтина храна, тоа значи дека треба да го заштити македонскиот консумент, оти храната не ја имаме во неограничени количини и неа може и да ја смени – укажува професорот-социолог Илија Ацевски.

Тој нагласува дека треба да се најде соодветен модел од страна на државните институции кои ќе стават ред храната да не се злоупотреби и да се шверцува, оти во вакви ситуации не станува збор за извоз. Професорот потсети дека пред десетина години имало обратна ситуација – кога македонски граѓани пренесувале храна од Бугарија и тогаш бугарската царина не дозволувала без мерка да се изнесува храна од нивната држава.

Според податоците на Државниот завод за статистика, од јануари до август годинава бројот на странски туристи во земјава е зголемен за 10,5 % во однос на истиот период лани. Но бројот на ноќевањата на странските туристи во истиот период е зголемен за 7,2% што само потврдува дека значителен број од овие туристи се оние кои што границата ја поминуваат транзитно за шопинг тури и истиот ден се враќаат во матичната држава.

Валентина МАРЈАНОВИЌ

Извор: http://vecer.com.mk/?ItemID=25EFC067DB69D648918A20AD2A4F5664

Check Also

ИПАРД грантови за насади од лешник

Во очекување на првиот повик од новата ИПАРД 2 програма за кофинансирање и  финансиска помош, …