Со софтвер за електронско водење сметководствена евиденција, Федерацијата на фармери на Македонија ќе им помогне на земјоделците полесно да се справуваат со предизвиците со кои се соочуваат во секојдневното управување на фармите.
Според петгодишната национална програма за развој на земјоделството и руралниот развој, од годинава земјоделците имаат обврска да почнат да ги применуваат основни принципи за добра земјоделска пракса, според која, треба да водат евиденција во растителното и сточарското производство.
– Сметководственото водење ќе има неколку предности. Прво како земјоделци ќе знаеме точно кои се слабите точки во нашето производство или во функционирањето на земјоделското производство. Податоците се важни за земјоделците за да знаат дали имаат добивки или загуби. Исто така преку овие податоци тие што сакаат да ни дадат пари без разлика дали тоа се банки или Владата, ќе знаат дали сме профитабилни и колку ќе можеме да ги вратиме средствата – изјави Андреја Секуловски од Федерацијата на фармери на Македонија.
Според извршниот директор на фирмата што го подготви софтверот „Даталаб“, Андреј Мертел, програмата на земјоделците ќе им овозможи соработка и со консултантските компании.
– Фармерите ќе ја работат својата работа, а податоците во исто време ќе ~ се прикажуваат на Федерацијата на фармери, која точно знае што треба да стори со тие податоци – појасни Мертел.
Федерацијата на фармери на Македонија во март потпиша меморандум за соработка со словенечката компанија „Даталаб“, чија софтверската програма во секојдневното работење ја користат над 30.000 корисници во Словенија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Бугарија и Албанија.
Извор: dnevnik.mk