Почетна / Вести Македонија / „Смедерeвката“ ќе се откупува за 11 денари, а „вранецот“ за 13

„Смедерeвката“ ќе се откупува за 11 денари, а „вранецот“ за 13

Грозјето од сортата „смедеревка“ ќе се откупува за 11 денари, а „вранецот“ за 13 денари за еден килограм.

 

Оваа откупна цена е договорена на вчерашната средба во Министерството за земјоделство со претставниците на винскиот сектор. Според договорот, овие цени ќе важат за „смедеревката“ со 17 шеќерни единици и за „вранецот“ со 19 шеќерни единици, со можност за прогресија на цената во согласност со шеќерните единици.

По средбата, министерот Љупчо Димовски ја поздрави подготвеноста на винскиот сектор за прифаќање на барањата на лозаропроизводителите и изрази очекување дека овие откупни цени ќе бидат почитувани од откупувачите на винско грозје.

– Во насока на подобро организирана откупна сезона побаравме во наредните денови да се интензивира соработката со лозаропроизводителите во насока на организирана берба и организиран откуп, со постигнување на технолошката зрелост на секоја сорта винско грозје. Истовремено, заеднички тимови со Државниот инспекторат за земјоделство, Бирото за метрологија и Државниот пазарен инспекторат од оваа недела до крајот на откупната сезона ќе бидат присутни на откупните пунктови за винско грозје – соопшти Министерството.

На средбата биле опфатени повеќе теми поврзани со досегашниот откуп на висококвалитетните сорти винско грозје, претстојниот откуп на винското грозје и организираноста на сите инволвирани страни во процесот на откупот. Претставниците на винскиот сектор биле информирани за очекувањата и за барањата на лозаропроизводителите, кои биле презентирани на последната средба со нив, со посебен акцент на барањето за повисоки откупни цени на винското грозје во однос на ланската сезона, посебно за сортите „смедеревка“ и „вранец“.

– Во однос на оваа тема беше отворена сеопфатна дискусија, во која се вклучија претставниците на винскиот сектор информирајќи за нивните потреби за откуп, за моменталната состојба на винскиот сектор и за барањата од лозаропроизводителите. Од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство беше апелирано до претставниците од винскиот сектор за интензивирање на соработката со претставниците на лозаропроизводителите и за изразување подготвеност за постигнување договор во контекст на откупната цена на винското грозје. Во дискусијата од претставниците на винскиот сектор беше потенцирано дека е прифатливо барањето на лозаропроизводителите за дефинирање на откупната цена во согласност со шеќерните единици на секоја сорта винско грозје, врз основа на различната технолошката зрелост на секоја сорта – се вели во соопштението.

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …