Почетна / Вести Македонија / Прехранбената индустрија си го изеде профитот

Прехранбената индустрија си го изеде профитот

Според финансиските извештаи објавени на Македонската берза, намалената ликвидност и повисоките трошоци за производство се најголемите проблеми со кои се соочувала прехранбената индустрија во првите шест месеци од годината.

Намалени приходи, намалени добивки, пад на продажбата, загуби и зголемени трошоци прокнижија прехранбените компании во првите шест месеци од годинава. Според финансиските извештаи објавени на Македонската берза, намалената ликвидност и повисоките трошоци за производство се најголемите проблеми со кои се соочувала прехранбената индустрија во првото полугодие. Иако голем дел од нив успеале да ги зголемат пласманите на странските пазари, сепак тоа не влијаело позитивно на финансискиот резултат.

Според резултатите на еден од најголемите производители на храна во државата Жито Вардар” од Велес, како резултат на зголемените трошоци за набавка на суровини и помалата кредитна поддршка од банките компанијата првата половина од годината ја заврши со пад на приходите за 45%, односно на вкупно 5,7 милиони евра, споредено со 10,5 милиони евра во првите шест месеци минатата година. Во исто време приходите од продажба на странски пазари се помали за 62% на вкупно 540.000 евра.

Според финансискиот извештај на велешката компанија, објавен на Македонска берза, расходите за суровини во првите шест месеци изнесуваат 4,03 милиони евра и се намалени за 47% во однос на истиот период од лани.
– Причина за намалување на резултатите на друштвото е податокот што во моментов цените на претходно наведените суровини во моментов се уште повисоки, земајќи го во предвид фактот што цената на нашите финални производи како свежо свинско месо, јајца и пилешко месо е многу намалена – се вели во образложението на Жито Вардар” објавено на Берзата.

Како резултат на тоа компанијата првото полугодие го заврши со загуба од 1,13 милиони евра за разлика од 440.000 евра добивка во првото полугодие лани. Од компанијата напоменуваат дека во оваа сума не се вкалкулирани државните субвенции, за разлика од лани.

Тетовскиот производител на мелнички и пекарски производи, тестенини и јајца Жито Полог”, првото полугодие го заврши со намалени приходи и намалена добивка. Според финансискиот извештај, компанијата за шест месеци остварила добивка од 200.000 евра што е за 33% помалку споредено со првите шест месеци лани, иако трошоците од работењето се за намалени за 4%. Според финансискиот извештај објавен на Македонската берза, помалата добивка е како резултат на намалените оперативни приходи за 7% на вкупно 219 милиони денари, при што на домашен пазар продажбите се помали за 5%.

Се стопија профитите и на производителите на сокови
Истата финансиска состојба се отсликува и кај производителите на вода, сокови и други пијалоци. Компанијата “Фруктал мак” првите шест месеци ги заврши со загуба од 88.700 евра, што е зголемување за 53% во споредба со ланската шестмесечна загуба на компанијата од 58.000 евра. Фабриката која произведува сокови во скопско Зелениково, во првото полугодие од годинава направила приходи од 2,8 милиона евра и во споредба со лани тие се зголемени за 4,6%. Пораснати се и приходите од продажба на домашниот пазар, како и приходите од извоз, односно продажба на странските пазари.

Сепак, во истиот период на “Фруктал мак” и се зголемиле и расходите за 7,4%. Тие имаат приближна вредност како и приходите и изнесуваат 2,8 милиона евра.
Првите шест месеци годинава битолскиот производител на вода и сокови Пелистерка” ги заврши со раст на приходите, но и намалена добивка. Според финансискиот извештај на компанијата, вкупните приходи во првите шест месеци изнесуваат 3,3 милиони евра што е за 3% повеќе споредено со истиот период лани, при што за 22% се зголемени приходите од продажба на странски пазари на околу 108.000 евра. Трошоците од работењето бележат раст од 5% на 3,1 милиони евра.

Расте добивката на кондиторите
Најголемата кондиторска компанија “Европа” од Скопје во првите шест месеци од годината се пофали си раст на нето добивката од 4,2% на вкупно 180.700 евра.
Според полугодишниот финансиски извештај на најстариот производител на чоколади, вафли и бомбони во регионот, приходите остварени за првите шест месеци од 2013 година изнесуваат 5,6 милиони евра и се намалени за 1,5% во однос на истиот период од претходната година.
Вкупните расходи во првите шест месеци од оваа година изнесуваат 5,4 милиони евра и се намалени за 1,7% во однос на истиот период од претходната година.
– Намалувањето на трошоците особено е изразено кај горивата (природен гас) за 18,2%, а се должи на направените инвестиции за енергетска ефикасност во 2012 година – се вели во полугодишиот извештај на скопска Европа”, објавено на Македонската берза.

Извор: vecer.com.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …