Досега се откупени 120.000 тони, односно 82%, од планираната количина домашна пченица која ќе се движи во границите на откуп од претходните жетви.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е во секојдневна комуникација со сите фактори вклучени во процесот на откуп, односно и со производителите и со мелничарите преку кои ја следи состојбата на терен, се вели во соопштението од Министерството за земјоделство, со кое се се апелира до мелничарите и земјоделците побрзо да завршат со откупот.
-Во насока на објективно информирање на македонската јавност а во контекст на информациите кои изминативе денови се пласираат од одредени медиуми за состојбите поврзани со откупот на домашната пченица од овогодишната реколта Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство како надлежна институција будно ги следи активностите поврзани со откупот на домашната пченица и ги спроведуваме сите активности поврзани со процесот на забрзување на динамиката на откуп, се вели во соопштението од МЗШВ. Одтаму информираат дека во процесот е непосредно е вклучен и Државниот инспекторат за земјоделство, кој преку посебни тимови врши следење на состојбите, условите и начинот на откупот, преку доставување на теренски податоци на дневна основа.
-Апелираме, дека во овој момент, од особена важност е сите инволвирани страни во процесот на откупот на пченицата да бидат фокусирани на дополнително интензивирање на откупот на пченицата која што се уште не е откупена, односно на целосно завршување на откупот на истата, што ќе значи заштита на интересите на индивидуалните земјоделски производители на пченица, заштита на интересите на домашните комапнии од мелничко-пекарскиот сектор како и стабилизирање на домашниот пазар со пченица и брашно, се вели во соопштението.
Извор: vecer.com.mk