Двајца млади архитекти се избрани од општина Аеродром да црпат искуство од други земји и за три месеци да изработат проектна задача, која ќе послужи како основа за распишување конкурс за избор на идејно решение за новиот Рајски парк.
Младите архитекти со висок просек од Градежниот факултет ќе црпат искуство од земјите каде што има вакви паркови и ќе ја подготват проектната задача за содржините што треба да ги има во паркот во Аеродром.
-Тоа ќе биде грандиозен парк на повеќе од 20 хектари, многу поголем од Градскиот парк. Архитектите се млади и успешни и ќе собираат искуство од други вакви паркови за проектната задача, а потоа на јавен повик ќе се избере идејното решение, изјави градоначалникот Ивица Коневски.
Курир дознава дека рајската градина ќе биде меѓу петте најубави во светот , ќе има премногу содржини за посетителите од сите генерации.
Паркот ќе се гради во повеќе фази и во него ќе има питоми животни. Верверички, пони коњчиња и желки се само дел од животните кои ќе го сочинуваат овој уникатен парк. Во него ќе има и мајмуни кои ќе бидат сместени во огромен кафез каде ќе можат да поминуваат посетителите и да се забавуваат со нив. Во кафезот покрај мајмуни ќе има и многу видови на птици.
Исто така ќе има и патеки за џогирање, за пешачење, за ролерки, електрични колички, коњи со пајтони и слично. Во склоп на паркот ќе се најдат и ресторани, детски катчиња со игралишта за најмладите и многу други содржини. Истиот ќе биде збогатен со вкупно 1500 срни и елени.
Вештачки езера и канали со проточна вода, фонтани и тениски терени дополнително ќе го разубавуваат паркот во Аеродром.
Со реализацијата на оваа најава, Скопје ќе им понуди на туристите уште побогата понуда, како дел од неговата масовна модернизација од изминативе години.
Рајскиот парк ќе се прави во соработка со Град Скопје и македонската Влада.
Извор: http://www.kurir.mk/republika/skopje/93659-Skopskiot-Rajski-park-po-terk-na-svetskite