Почетна / Вести Македонија / Секој земјоделец ќе има свој советник

Секој земјоделец ќе има свој советник

Секој земјоделец да има свој советник. Тоа е нашата цел и ако сакаме да имаме добар квалитет, поголем принос како држава, тоа мора да го направиме, најави Зоран Kоњановски, заменик-министер за земјоделство, на вчерашното годишно Собрание на федерацијата на фармери на Република Македонија.

Идејата, појасни, е да се вклучат што е можно поголем број советници кои ќе бидат задолжени да даваат советодавни услуги за добри земјоделски пракси на земјоделците. Советодавните услуги, покрај државната Агенција, ќе може да ги даваат и други лица. Ќе се изготвува закон за давање советодавни услуги, а планот на ресорното министерство е тоа да биде ефективно веќе од следната година.

– Во Македонија има повеќе од 700 агрономи и земјоделски инженери што завршиле на македонските универзитети, а некои и во странство, и се кадар кој мора да го вклучиме во давањето советодавни услуги на земјоделците. Во тој правец размислуваме покрај државната агенција, да вклучиме и голем број луѓе што дополнително би ги обучиле во нашите универзитети за да бидат подготвени во секој момент да им даваат вистински правилни информации на нашите земјоделци – појасни Kоњановски.

Според него, досегашната финансиска поддршка за земјоделците ќе продолжи, а во интерес на развој на земјоделството ќе има промени на закони и ќе се носат нови.

– Наспроти финансиската поддршка од пред шест години од само неколку милиони евра, денеска имаме поддршка од 135 милиони евра – информира Kоњановски.

Претседателот на ФФРМ, Андрија Секуловски, е задоволен од постигнатите резултати на федерацијата со кои, како што рече, се создала вредност на земјоделството. Преку активностите што ги презеле и со воспоставеното партнерство со државните институции успеале голем број од проблемите на земјоделците да ги стават на хартија, да се направат промени на законската регулатива, да се вметнат во програмите за субвенционирање, руралната програма и ИПАРД-програмата.

– Во Македонија се даде можност земјоделството да создаде свои вредности и да се надградува со сите инвестиции што се случуваа оваа година – изјави Секуловски.

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …