Србија и Kосово кои порано беа традиционални пазари веќе не се снабдуваат од ова село.
Младиот кромид од велешкото Башино Село веќе пет дена интензивно се откупува и завршува на пазарите во Хрватска. Околу 500 тони од овој раноградинарски производ се продадоа, при што дневно по два-три шлепери заминуваа кон оваа земја. Производителите се задоволни од цената и од досегашниот откуп.
– Се откупува по цена од 40 денари за килограм, што е на минатогодишно ниво. Задоволни сме што успеавме да пласираме дел од годинашново производство. Соработуваме со познати откупувачи и досега немало никаков проблем. Знаеме и за повисока цена, од 50 денари, но имало години кога се откупуваше и за помалку – по 20 денари за килограм – велат жителите на Башино Село, кое е најголемиот производител на млад кромид во земјава. Секое семејство од петстотините во селото се занимава токму со одгледување на оваа култура. Затоа и селото во овој период мириса на кромид. Се корне, чисти, врзува и се обработува. За разлика од македонските врзопи, кои се со по четири-пет кромитчиња, овие за Хрватска се поголеми, со по седум или осум. Производителите објаснуваат дека такви се барањата на тамошниот пазар.
И додека Хрватска остана верен купувач на младиот кромид од Башино Село, нема веќе пазар во Србија и во Kосово.
– Годиниве доаѓаа купувачи од Србија, но сега ги нема толку многу, не знаеме од каде се снабдуваат. Ниту Kосовците не купуваат, тие набавувале од Албанија. Во СФРЈ Башино Село ја снабдуваше цела земја, 22 милиона, но се смали пазарот – велат мештаните. Тие проценуваат дека третина од целото годинашно производство се извезува за Загреб. Производителите девет месеци работат за младиот кромид за во март и април да стигне на нашите и на странските трпези. Во одгледувањето, кое почнува уште во јуни, а завршува напролет, вклучени се цели семејства, од најстарите до најмладите. Тоа е основна егзистенција на жителите. Но од понеделник тие ќе се судрат со проблем на пласман на останатите количини.
– Годинава имаме краток период на сериозен откуп. Тоа што се продаде, се продаде, а како ќе биде натаму, не се знае. Знаеме дека ќе царуваат прекупците, цената ќе падне, а има уште многу млад кромид да се продаде – велат производителите. Во наредниот период, до православниот Велигден и до Први мај, ќе очекуваат во селото да забрмчи камион, што ќе значи дека доаѓа откупувач кој им дава надеж дека остатокот од нивниот труд нема да пропадне.
ПЕТАР ПЕЧKОВ
Извор: dnevnik.mk