Почетна / Вести Македонија / Фармерите тријат раце, 50-милионска инјекција во вистинско време

Фармерите тријат раце, 50-милионска инјекција во вистинско време

Лозарите, овоштарите и тутунарите кои беа најгласни во барањата да добијат субвенции пред почетокот на сеидбата, велат дека парите ќе ги искористат за зголемување на производството. Тутунарите, пак, изненадени што за прв пат во историјата парите за продадениот тутун ги добија четири дена откако официјално заврши откупот.

Исплатата на половина од планираните субвенции за еден месец, уште пред почетокот на сеидбата е вистинска инјекција за земјоделците и за годинешното земјоделско производство. Лозарите, овоштарите и градинарите кои беа најгласни во барањата да добијат субвенции за подигнување на насадите на почетокот на пролета, ги тријат рацете и веќе планираат зголемување на насадите и производството. Тутунарите, пак, изненадени што за прв пат во историјата ги добија парите за продадениот тутун четири дена откако официјално заврши откупот. Фармерите се исто така, задоволни што парите ги добиле пред почетокот на жетвата, бидејќи сега трошоците им се помали и во овој момент набавката на сточна храна ќе ги чини многу поевтино.

Исплатата на над 50 милиони евра за субвенции три месеци пред крајот на законскиот рок, значи многу за земјоделското производство. Никола Стаменов, претседателот на Здружението на тутунопроизводители “Жолто Злато” од Струмица, вели дека исплатата на субвенциите, пред законскиот рок ќе биде можност за земјоделците да го обноват производството.
– Без разлика дали се работи за овоштарство, градинарство или производство на тутун, предвремената исплата на субвенции е можност за земјоделците навреме да го обноват производството, како и навреме да набават семенски и репроматеријали за почетокот на сеидбата, а исто така е голем стимул за нив да го зголемат производството – потенцира Стаменов.
Тој очекува дека Владата и во наредните години ќе продолжи по оваа динамика да ги исплаќа субвенциите, сразмерно согласно квалитетот и квантитетот на земјоделското производство.
– Ова е за прв пат во историјата на државата финансиската поддршка за тутунопроизводството да биде исплатена четири дена откако официјално заврши откупот на тутунот. Во вистинско време, пред почетокот на сеидбата земјоделците добија пари за субвенции – вели Стеменов.

Веле Ристовски, сопственик на кланицата ЗЗ “Единство Челопек” и претседател на Групацијата за производство на свежо свинско месо, ја поздравува исплатата на субвенциите уште во март и вели дека сточарите изминатите години бараа субвенциите да бидат исплатени најдоцна до почетокот на мај, бидејќи тогаш на нив им се најпотребни пари за набавка на суровини, односно сточна храна.
– Во овој период цените се пониски и трошоците за набавка на сточна храна се помали, така што ние ќе бидеме попрофитабилни и ќе имаме поголемо производство. Секогаш пари се добредојдени, лошо е ако се исплатени после жетва, бидејќи тогаш не можеме да постигнеме добра цена – вели Ристовски. Според него, исплатата на субвенции во овој момент е вистинска инекција за фармерите.

Претседателот на Сојузот на земјоделците на Македонија, Вељо Тантаров нагласува дека со оваа владина интервенција им се помага на земјоделците за надминување на проблемите од ланската суша што доведе до голема беспарица и тешкотии во организирањето на новото, годинешно производство на храна во државата.
– Исплатата на субвенциите за ланското производство се врши три месеци порано и се реализира, а тоа значи дека Владата најде сили и го исполни и овој договор – вели Тантаров.

Од Федерацијата на фармери на Македонија, минатата недела излегоа со став дека на ваков начин се овозможува извршување на интензивните земјоделските активности во овој период во растителното и сточарско производство, а воедно се помага и на оштетените градинари и поледелци чии земјоделски површини беа зафатени со поплавите.
– Во овој период субвенциите се особено важни за земјоделците бидејќи имаат највисоки трошоци за набавка на репроматеријали. Финансиската поддршка им е неопходна на фармерите за да ја задржат и подобрат конкурентноста на домашниот и странскиот пазар – потенцираат од ФФРМ.

Владата од почетокот на март, за неполн месец исплати повеќе од 50 милиони евра, од предвидените 113 милиони евра за финансиска поддршка во земјоделството за 2012 година, а пари добија над 85.000 земјоделци. (Ал.С.)

Извор: vecer.com.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …