Почетна / Вести Македонија / „Смедеревка“ нема ни за лек

„Смедеревка“ нема ни за лек

Лозовите калеми се трошат како алва во Тиквешко, најголемиот лозаро-винарски регион во Македонија, а калеми од најзастапената бела винска сорта грозје „смедеревка“ нема ни за лек, дознава „Дневник“. Информацијата ја потврдуваат во неготинскиот расадник за производство на лозов саден материјал.

– Неколку илјади лозови калеми се продадоа пролетва за подигнување нови лозови насади само во Тиквешијата. Од винските сорти грозје најбарани беа калемите за „смедеревка“. С` уште ни бараат лозови прачки од оваа сорта, која станува с` поактуелна и побарана, вистински хит во лозарството, но ние одамна ги продадовме. Kолку и да имавме, сите ќе ги купеа. „Вранецот“ како најзастапено црно грозје исто така беше баран, а од трпезните сорти грозје најбарани беа лозовите садници од „молдавија“, „мишел палиер“ и „викторија“ – откриваат од расадникот, кој е сертифициран производител на саден материјал за подигање лозови плантажи.

Лозовите калеми од „молдавија“ ги потрошиле уште во ноември. Оваа сорта десертно грозје била многу барана оти доцна зреела и стасувала за берба некаде во октомври, а можела да стои во ладилник уште околу два месеца и да се продава во свежа состојба, што значи кога немало друго грозје, таа достигнувала повисока цена.

Од расадникот велат дека лозовите калеми од домашно производство многу брзо се продале. С` што било произведено во овој расадник било продадено, а бидејќи имало недостиг на домашни садници, неколку други фирми ги увезувале од Србија.

– Многу мал дел од потребите за саден материјал за лозје во Македонија се задоволуваат од домашно производство. Голем број од лозовите прачки што се увезуваат, за жал, се неквалитетни. Не дека се поевтини, ами нема доволно домашно производство. Малку фирми произведуваат лозов саден материјал во земјава, процедурата за производство е сложена и многу е тешко да се произведе лозов калем – нагласуваат нашите соговорници.

Тие додаваат дека бизнисот со производство на садници за лозов насад е исплатлив, но многу макотрпен бидејќи треба да се вложи многу труд за да се произведе добар и квалитетен саден материјал.

Од неготинскиот расадник за лозов саден материјал кажуваат дека лозје може да се подигне некаде до средината на идниот месец. Еден калем од сортата „смедеревка“ од домашно производство се продавал по цена од 30 до 35 денари, а садниците за винови лози од трпезните сорти грозје биле со цена од 35 до 40 денари за калем.

Светлана Дарудова

Насадот зависи од локацијата

– Локацијата е најважен фактор во одлуката каков лозов насад да се сади. Винските сорти грозје мора да ги ставаме на едни локации, а трпезните на други. Да не ги мешаме. Ако се згреши локацијата, најдобро е да се направи прекалемување – вели професорот Звонимир Божиновиќ од Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје.

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …