Една фирма од двете што биле заинтересирани за земјиштето кое до неодамна го користеше агрокомбинатот „Џумајлија“ ги исполнила условите што биле предвидени со огласот за земање под закуп, велат во Министерството за земјоделство.
Засега не го откриваат името на фирмата бидејќи работата с` уште не била официјално завршена. Според наши извори, од почетната цена од 120.000 евра за закуп, фирмата понудила само 1.000 евра повеќе. Така, за 5.353 хектари државно земјоделско земјиште во регионот Свети Николе новиот закупец ќе треба годишно да плаќа по 121.000 евра.
Земјиштето, кое се наоѓа во катастарските општини Пеширово, Амзабегово, Kнежје, Црнилиште, Аџиматово, Сарамзалино, Ѓуземелци, Милино, Лозово, Kаратманово, Дорфулија, Ќоселери, Аџи Бегово и Делисинци, се дава под закуп на 15 години за одгледување житни и фуражни култури. Времетраењето на закупот по истекот на договорот може да се продолжи со непосредна спогодба за закуп за следниот период од 15 години.
– За јавниот оглас за давање под закуп на земјоделско земјиште во сопственост на државата за регионот Свети Николе конкурирале вкупно 2 понудувачи, од кои само едниот ги исполнил условите од огласот за вкупна површина од 5.353 ха. Земјоделско земјиште е во државна сопственост во регионот на Свети Николе, а утврдената почетна цена на годишна закупнина е во висина од 120.000 евра во денарска противвредност – велат во ресорното министерство.
Право на учество на јавниот оглас имаа домашни физички и правни лица и странски компании. Физичките лица требаше да се регистрирани вршители на земјоделска дејност или запишани во единствениот регистар на земјоделски стопанства. Исто така, земјиштето можеше да го земат и трговци-поединци на кои земјоделското производство или преработката на примарни земјоделски производи им е претежна дејност. Странските фирми, пак, можеа да конкурираат ако имаат регистрирано подружници во земјава.
Премиерот Никола Груевски неодамна најави дека фирма-ќерка на позната мултинационална компанија во агрокомбинатот „Џумајлија“ ќе вложи 200 милиони евра и ќе отвори 2.000 нови работни места.
Според него, компанијата најавувала оти ќе донесе над 20 илјади грла говеда, ќе изгради фабрика за добиточна храна и млекарница со голем капацитет.
– Нивните планови се покривање не само на македонскиот и регионалниот пазар, туку и да продаваат низ цела Европа, па и пошироко. Станува збор за крупна инвестиција чие име не би сакал да го спомнам бидејќи се надевам дека тие ќе си го соопштат тоа, затоа што знам дека инвеститорите најчесто сакаат сами да се промовираат. Но ќе кажам дека се работи за компанија чие име во Македонија е веќе слушнато. Зборувам за фирма-ќерка на таа компанија, која е доста позната и која доаѓа од држава со која имаме две историски личности што н` поврзуваат – изјави неодамна Груевски.
Валентина Ангеловска
Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=9F0E5A6DB54B8F4CA0DDA35BD42A2733