Во Македонија постои мал интерес за воведување на ХАЛАЛ стандардот, досега само седум компании го имаат воведено овој стандард. Годинава се очекува нивниот број да се зголеми со оглед на фактот дека Министерството за економија одлучи да им даде парична помош на компаниите кои ќе го имплементираат овој стандард.
Министерот за економија Ваљон Сарачини најави дека за прв пат годинава финанансиски ќе бидат поддржани компаниите кои планираат да воведат ХАЛАЛ стандард. Средствата ќе бидат наменети за обезбедување на техничка помош.
-За воведување на ХАЛАЛ стандардот издвоени се вкупно 500 илјади денари. Овие средства ќе бидат неменети за техничка помош и консултански услуги на компаниите кои ќе одлучат да воведат ваков стандард. Доколку постои голем интерес од компаниите за воведување на овој стандард ќе има пренамена на средствата од друга програма со помал интерес, рече Сарачини.
-Досега проблем за воведување на овој стандард беа финансиите, а сега со помошта од Министерството очекуваме нивниот број да се зголеми. Ова е новина со оглед на фактот дека досега за воведување на интернационални стандарди се даваше финансиска помош само за сертификација на стандардите, а сега и за имплементација, вели Емилија Тодоровска од Стопанската комора на Македонија.
Инаку, Стопанската комора заедно со приватната компанија „Фуд Консалтинг“ се единствени овластени консултанти во Македонија за воведување на овој стандард.
ХАЛАЛ стандардот најчесто се бара во исламските земји, поради тоа компаниите кои сакаат да извезуваат во овие земји мора да го имаат овој стандард. Инаку се работи за незадолжителен стандард и секоја компанија индивидуално одлучува дали ќе го воведе или не.
Овој стандард се надоврзува на ХАСАП стандардот, значи станува збор за двојна контрола на храната. Компанијата која сака да воведе ХАЛАЛ стандард претходно мора да има воведено ХАСАП.
Сертификацијата за ХАЛАЛ ја врши Агенцијата за сертификација од Тузла која е овластена за тоа од исламската заедница. Таа обезбедува ХАЛАЛ сертификати за земјите од регионот.
ХАЛАЛ стандардот е се поприсутен во меѓународната прехранбена индустрија, со оглед на фактот дека со неговото имплементирање се отвора пазар чија вредност се проценува на 635 милијарди долари. Секако треба да се земе предвид фактот дека во 44 земји во светот, со над 1,5 милијарди луѓе производството и трговијата со одредени производи треба да ги исполнуваат стандардите и барањата кои произлегуваат од културните и верски карактеристики.
Потрошувачката на халал храната е се поголема во европските земји, а особено во Франција, каде потрошувачката расте 10 отсто годишно.
Се проценува дека вредноста на халал пазарот во Европската унија е 66 милијарди долари, од кои само на Франција отпаѓаат 3 милијарди долари. Велика Британија се проценува на околу 2,8 милијарди фунти, а според податоците од британската агенција за безбедност на храна, халал храна консумираат околу 6 милиони корисници.