Почетна / Вести Македонија / Рунтевски: Млекото не е канцерогено, само има зголемено ниво на афлатоксин М1

Рунтевски: Млекото не е канцерогено, само има зголемено ниво на афлатоксин М1

Добиените резултати од лабораториските испитувања спроведени од Факултетот за ветеринарна медицина, потврдија зголемено присуство на афлатоксинот М1 во млекото „Лагано јутро” на хрватскиот производител „Дукат”.

Станува збор за анализираните мостри од 360 литри трајно млеко од овој бренд, кои се наоѓаат под надзор во магацините на увозникот, односно кои не се пуштени во промет. Овие количини, со наредба на Агенцијата ќе бидат уништени и ниту едно литро од ова млеко нема да заврши на македонскиот пазар, вели директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Дејан Рунтевски.

Резултатите од лабораториските испитувања спроведени од Факултетот за ветеринарна медицина потврдија зголемено присуство на афлатоксинот М1 со просечна вредност од 0,152 микрограми на килограм.-Од потенцијалните четри серии на млеко кои се направени тој ден и за кој постои веројатност дека има зголемено ниво на афлатоксинот М1, ние сме увезле само една, односно 360 килограми кои ќе бидат уништени веднаш, вели Рунтевски.

Според него, не значи дека ако во млекото има зголемено количество на афлатоксин, млекото е канцерогено. Имено, присуството на афлатоксинот М1 во млекото од 0,05 микрограми на литар е дозволиво и не е штетно по здравјето на луѓето.   Во Хрватска токсиколозите пресметале дека треба 20 години да се пијат по 20 литри млеко на ден за да дојде до оштетување на организмот. Извор на канцерогениот токсин, според хрватскиот ветеринарен институт била сточната храна која ја користеле фармите за хранење на кравите чие млеко го откупувале млекарите.

И хрватскиот Ветеринарен институт потврди зголемено присуство на афлатоксинот М1 во млекото на „Дукат“ и на „Виндија“ кое беше повлечено од продажба во Србија и во Босна. Во Македонија не е увезено млеко од „Виндија“ од типот за кој на Балканот има сомнежи дека има траги од афлатоксини, а што се однесува до останатото млеко од „Дукат“, тоа е безбедно за потрошувачите, вели Рунтевски.

Агенцијата за храна и ветеринарство продолжува со вршење на засилени инспекциски контроли на домашниот пазар, како и со задолжително испитување на афлатоксини при увоз на млеко и производи од млеко.

 Извор: kurir.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …