Почетна / Вести Македонија / Храната се контролира со гледање

Храната се контролира со гледање

При увоз на храна инспекторот нема обврска да зема мостра од секоја пратка. Се зема само ако постои ризик кој произлегува од земјата од каде што се увезува, како и од објектот каде што се произведува.

Само поплака од граѓанин, болест и труење може да ги крене на нозе надлежните инспектори вонредно да ја проверат увезената храна што се сервира на македонските трпези. Инаку, слепо им веруваат на документите и на брендовите и работат по годишна програма. Според Законот, обврзани се само да го ѕирнат она што влегува на граница и, ако не им е според планот за контрола, лефтерно да го пропуштат. Последната афера со отровното млеко на хрватски „Дукат“, која го затресе целиот Балкан, повторно постави низа прашања за квалитетот на храната што ја јадеме. Kако прво, дали и колку од храната кај нас се контролира и може ли нашиот систем за безбедност на храна да одговори на прашањето колку е сигурно тоа што го консумираме секојдневно. Ги прашавме надлежните дали треба нешто да се смени во нашиот контролен систем за безбедност на храната за да не ни се случи повторно наместо хранливи материи, да увезуваме канцерогена храна. Освен шаблонски одговори, најава за вонредни контроли има само ако пријават граѓаните.

– Инспекциските органи вршат континуирани контроли и назор на целокупниот синџир на производство, промет, дистрибуција и продажба на храната. При увоз на храна инспекторот неда обврска да земе мостра од секоја пратка. Земањето мостри се врши според степенот на ризик дефиниран за конкретен производ и зависно од земјата од каде што се увезува, како и од објектот каде што се произведува. Инаку, секоја пратка што се увезува подлежи на задолжителен физички и органолептички преглед, проверка на задолжителната документацијата – велат во Агенцијата за храна и ветеринарство. Според нив, службените контроли се вршат според годишен план за официјални контроли, однапред испланирани врз база на извршената анализа на ризик, притоа опфаќајќи што е можно поголем број оператори со храна.

– По потреба се вршат и вонредни засилени контроли. Дополнителни контроли се вршат задолжително по однос на претставка или поплака од граѓани, појава на труења, болест и слично. Во 2012 година Агенцијата постапи по 195 претставки поднесени од граѓани. Најголемиот дел од нив се однесуваат на непримена на хигиенските стандарди, неправилно спроведени добри производствени практики, најдени контаминенти и резидуи во храната, како и за производи со поминат рок на употреба – информираат оттаму.

Граѓаните се сомневаат во квалитетот на храната што се нуди на пазарите и во маркетите. Велат дека откако за еден месец се појавија две афери со присуство на афлатоксини во храната, не би било чудно ако се појави трета.

– По двете основни животни намирници – млеко и пченкарно брашно – кои наместо витамини, имаа афлатоксин, не е чудно за кратко да го најдат и во месото или во говедскиот црн дроб, каде што се складира. Двапати се враќам до полиците со млеко и се мислам што да купам. По ова повеќе не му верувам на ниеден производител – вели Вера Милошевска од Скопје.

Исто реагираа и другите граѓани што ги анкетиравме.

– Ако порано проблем беше мушичка во млеко или бубашваба во леб, која се гледа со голо око, не ми се верува дека сега н` трујат со канцерогени материи. Kаде се надлежните инспектори да н` заштитат или наместо на терен, попријатно им е да седат во канцеларии. Ќе доживееме ли некогаш први во регионот да дознаеме дека нешто смрди во храната или само ќе чекаме другите да н` известат – вели Ангелина Цветковска од Скопје.

Надлежните уверуваат дека има доволен број лаборатории кои се акредитирани за вршење голем број испитувања, вклучително и на храната.

– Располагаме и со доволен број едуцирани кадри за вршење и на најсофистицираните анализи.

Лабораториите на Факултетот за ветеринарна медицина и Институтот за храна, каде што се вршат најголемиот број анализи кои Агенцијата е обврзана да ги прави, се спроведуваат по акредитирани методи според ИСО-стандардите, што е доволна гаранција за прецизноста на добиените резултати – велат во Агенцијата за храна.

За експертите, самото присуството на афлатоксин значи дека храната е канцерогена и негативно влијае врз здравјето, а и е многу опасна. Се складира во црниот дроб и во бубрезите и предизвикува тумори.

По аферата со афлатоксичното млеко на хрватски „Дукат“, Владата најави строги контроли и санкции за виновниците за овој скандал. Агенцијата за храна, пак, останува на ставот дека во овој период ќе се прават засилени контроли на сите пратки на млеко што ќе влегуваат во државата.

Валентина Ангеловска Александра Филиповска

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …