Високите цени на суровините неопходни за исхрана на животните и немањето доволни количини од сточна храна, се најголем проблем со кој се соочуваат одгледувачите на свињи во Македонија.
Тие му се пожалија на министерот за земјоделство, Љупчо Димовски и на директорот на Агенцијата за храна и ветерина, Дејан Рунтевски дека е итно потребно да се отворат стоковите резерви со јачмен за значително ќе се олесни моменталната состојба.
Исто така, за да можат да склучуваат договори со поледелците и да можат побрзо да им ја платат жетвата, претставниците на свињарските фарми побарале исплатата на субвенциите за сточарите за 2012 година да биде до 30 април годинава, на што министерот Димовски им одговорил дека веќе се воведува динамика во исплатата на субвенциите и оти нивното барање ќе се земе предвид.
Како друг значаен проблем тие го истакнале и немањето земјиште на кое би произведувале сточна храна со што долгорочно би го решиле проблемот со набавка на сточна храна. Министерот Димовски им укажал дека на јавни огласи ќе се дава земјоделско земјиште кое ќе биде наменето само за сточарите и исклучиво за производство на сточна храна.
Министерот Димовски ветил дека Министерството ќе изготви информација за проблемите на кои му укажале претставниците на свињарските фарми и истата ќе се разгледува на наредната седница на Економскиот совет. Побарано е на седницата да присуствуваат и претставници на Групацијата за свињарство за да можат ги изложат своите барања.
Извор: vecer.com.mk