На своите фарми дневно ќе можат да преработат само 30 литри млеко, да продадат само еден тон мед годишно од сандаците или 10 килограми риба дневно од сопствениот рибник. Земјоделците вчудовидени од сето она што од нив се бара.
Земјоделците на своите фарми дневно можат да преработат само 30 литри млеко, да продадат само еден тон мед годишно од сандаците или 10 килограми риба дневно од сопствениот рибник. За да го направат тоа, мора да имаат декларација со рок на употреба, а сопственикот на фармата треба да има посебно обележано место од каде ќе продава. Ако производот е расиплив, треба да обезбеди посебни услови за чување како разладни уреди и витрини. Ова се само дел од законските одредби предвидени со новиот Правилник за условите за директно снабдување од страна на производителот на мали количества примарни производи до краен потрошувач.
Правилникот е објавен во „Службен весник“ минатиот месец и веќе е стапен во сила. Земјоделците се вџашени од ваквите одредби и сметаат дека количините што се предвидени за продажба од фармите се минимални, а условите под кои треба да продаваат се ригорозни.
– Преработката на храна на местото на производство може да се врши под услов сировината да потекнува од сопственото одгледувалиште и да се исполнети барањата според овој правилник и прописите од областа на безбедноста на храната. Мали количества примарни производи може да се ставаат во промет на места на директна продажба на самата фарма, во локален малопродажбен објект, кој е во состав на фармата и во локален угостителски објект. Исклучок се јајцата и медот, кои може да се продаваат и на зелените пазари согласно прописите – стои во Правилникот.
Минимални количини за преработка
Фармерите опфатени со овој правилник треба да ги одржуваат чисти сите објекти во врска со примарното производство, вклучувајќи ги и магацините, редовно да ги дезинфицираат на соодветен начин опремата, контејнерите, гајбите, но и возилата и другата опрема што се користи во производството.
Во Правилникот е предвидено дека максималното количество сурово млеко што може да се преработи на ниво на фарма не треба да изнесува повеќе од 10.000 литри годишно или до 30 литри на ден. Исклучок е сурово млеко од овци, кое може во неограничени количини да се преработи на фарма.
– Просториите и опремата за молзење треба да бидат лоцирани така што ќе се избегне ризикот од контаминација на млекото од воздух, почва, вода и храна, а опремата и површините што доаѓаат во контакт со млекото како прибор, контејнери за собирање млеко, треба да бидат изработени од материјал што лесно може да се исчисти и дезинфицира – стои во Правилникот.
Максималното количество јајца за консумирање со директно снабдување на крајниот потрошувач не треба да надмине 17.000 јајца годишно или до 50 јајца дневно, а јајцата треба да се чувани во чисти, суви и ладни простории, заштитени од директна сончева светлина и негативно дејство од штетници. Јајцата не треба да бидат постари од 21 ден од несењето.
Посебни простории за продажба
Kоличеството мед и другите производи од пчели како млеч, поленов прав и прополис за консумирање со директно снабдување на крајниот потрошувач не треба да надмине од 1.000 кг годишно. Максималното количество риба за консумирање не треба да надмине 3.500 кг годишно или до 10 кг дневно. Kај дивечот дозволена количина е помалку од 20 грла годишно или до две грла месечно за крупен дивеч. Kај ситниот бројката е 60 единки годишно или до пет единки месечно. Ловците треба да имаат статус на квалификуван персонал.
Новиот правилник предвидува пакувањето и преработката на примарните производи во мал обем да може да се врши под услов суровината да потекнува од сопственото одгледувалиште. Просториите на фармерот од каде ќе се продава треба да бидат поставени, дизајнирани, изведени и одржувани чисти и во добра хигиенска состојба за да се избегне ризикот од контаминацијата, особено од животни и штетници. Треба да има соодветни простории и уреди за одржување на личната хигиена вклучително и уреди за хигиенско миење и сушење раце, хигиенски санитарни аранжмани и гардероби и тоалети и соодветно снабдување со топла и ладна вода.
– Ако мали количества примарни производи се продаваат надвор од регистрирани и одобрени објекти за таа намена, потребно е местото на продавање да биде на одвоен простор, продажбата на одделни видови храна од животинско потекло што не се во оригинално пакување може да се врши само во затворени простории и витрини со обезбедување соодветни температурни услови, а по исклучок јајцата може да се продаваат и на отворени тезги – се вели во Правилникот.
Сите производи што се продаваат мора да се декларирани и означени со име на производот или на името на животински видови од кои е добиено, начинот на подготовка, детали за производителот. како име и презиме и регистерски број од Агенцијата за храна и ветеринарство, датумот на производство и крајниот рок на употреба.
Земјоделците се вчудовидени од ваквите правила и сметаат дека количините што се предвидени за продажба од фармите се минимални, а условите под кои треба да се продава се ригорозни.
– Треба да го видиме правилникот, па да коментираме. Ако е така, најголем дел од малите земјоделци ќе пропаднат бидејќи има такви што живеат од разнесување млеко од две-три крави по домаќинства – велат во Сојузот на земјоделци.
Валентина Ангеловска
Извор: dnevnik.mk