На барање на Федерацијата на фармерите на РМ, Агенцијата за храна и ветеринарство го пролонгира рокот за извршување на пописот на пчеларниците. Овој рок е продолжен до 1 мај 2013, а рокот за доставување на податоците од пописот до ветеринарното друштво до 15 мај 2013 година.
ФФРМ како причини за барањето за пролонгирање на рокот за пописот на пчеларниците наведе дека постои неусогласено делување на ветеринарните друштва во однос на давањето на услугите и висината на надоместоци кои ги наплаќаат за дадените услуги. Информациите што ги имаме од теренот укажуваат дека пчеларите не се целосно информирани за сите одлуки и други правни документи со кои се регулираат услугите и висината на надоместоците. Исто така беше објаснето дека процесот на внесување на податоците во електронската база некаде не е ниту започнат да се одвива поради нејасностите на теренот.
По одржаната средба со ФФРМ, Агенцијата за храна и ветеринарство преку известување информира дека ќе започне со потпишување на договорите со овластените ветеринарни друштва на 22 април, 2013 година, така што пчеларите ќе можат да изберат ветеринарно друштво со кое ќе склучат договор. Согласно Законот за ветеринарно здравство ветеринарното друштво со кое пчеларот склучил договор ќе ги внесе податоците во електронската база и ќе изврши преглед на пчелните заедници за присуство на Американска чума на пчелно легло.
Извор: vecer.com.mk