Зимно време смрзнуваме, лете е изгор, а кога врне прокиснува, се жалат продавачи, но и граѓани што ги користат услугите на Градскиот пазар во Велес. За лошите услови на пазарот свесен е и сопственикот ЈKП „Дервен“, до кого стигнуваат реакции од корисниците.
– Треба конечно да се уреди пазарот и да се покрие. Сега е лошо за сите. Kога врне, не можеме со чадор да се разминеме по тесните патеки. Велес остана меѓу малкуте градови во Македонија со непокриен пазар. Таков каков што е сега е згазен од времето, мора да се осовремени – вели Никола Саздов, пензионер кој вели дека доаѓа на пазар секој вторник, петок и недела, кога се пазарите денови.
Продавачите имаат подолга листа на поплаки, за која веруваат дека ја знае и Дервен.
– Kога беше студот изѕемнавме. Производите ги покривавме со ќебиња да не смрзнат и да останеме без пари и само со студот. Продаваме со ракавици, од стреите кога врне во глава ни се цеди водата. Лошо е, ни се одразува на здравјето. Летно време, пак, кога ќе опече сонцето на лимовите, не задушува врелината – вели продавач, кој има 20-годишен стаж на тезгите.
Пазарот има 220 тезги, и само тие за јајца и за сирење се во затворен ѕидан простор, се останато е на отворено. Kако и пред половина век, ништо не е променето. Од ЈKП „Дервен“ признаваат дека временските услови имаат негативно влијание врз работата на пазарите. Во првите три месеци од ланската година кога температурите стигнуваа до минус 18 степени, а од средината на мај до септември, со пеколни горештини и до плус 40 степени, довело до намалена понуда и побарувачка на работа на пазарите, пишува во годишниот извештај на РЕ „Пазари“. Ова влијае на финансиската кондиција на ова јавно претпријатие.
– Проблемот е сериозен, сме правеле пресметки за да се изгради покриен пазар, но финансиски не сме толку моќни. Тоа е голема инвестиција, ќе треба да ни помогне локалната власт и тоа заеднички да го сработиме – вели Фиданчо Цековски, директор на ЈKП „Дервен“.
Велешани размислуваат преку јавно приватно партнерство да се изгради покриен пазар по теркот на некои други градови во Македонија. Одлуката за тоа е на Советот на општината, која единствено може да одобри таква реализација. ЈKП „Дервен“ го реши проблемот со пазарчето во Нова Населба, чиј покрив прокиснуваше со години. Две третини од просторот ќе се изнајмува, наменски за маркет, за што постоел голем интерес кај велешките трговци. За возврат тие ќе треба да го санираат покривот кој прокиснува. Поради ова, искористеноста на, кај велешани познато како, Мало пазарче е само 34 тезги од 200 колку што се нудат.
Дивите им пречат на легалните продавачи
Најголем проблем во работењето на РЕ „Пазари“ и понатаму претставуваат нелегалните продавачи околу пазарите. Нив од ден на ден ги има с` повеќе и нивната бројка е околу 120 лица наспроти околу 220 легални продавачи во пазарите. Поради тоа, во повеќе наврати, легалните продавачи со петиции се обраќаат до ЈKП „Дервен“ со барање овој проблем да се разреши, зошто во спротивно и тие ќе го бојкотираат плаќањето внатре во пазарот.
Во повеќе наврати ЈKП „Дервен“ реагирало до надлежните институции – Пазарната инспекција, МВР – Сектор за сообраќај и пазарниот инспектор, и усно и писмено, но проблемот останува нерешен.
Петар Печков
Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=4F90894611AD594BA4AB8CA74C72AAAA