Состојбата во сточарството особено во Пелагонискиот регион, откупот на тутунот, продажбата на јаболката во Преспанско, се само некои од темите на директните средби што деновиве ги реализира Федерацијата на фармери (ФФРМ) со своите членови низ Македонија.
Целта на средбите, како што соопшти претседателот на Федерацијата Андрија Секуловски, е да им се помогне на производителите во остварувањето на плановите за 2013 година.
– Секој регион има свои специфики и проблеми со пласманот на произведеното. Посебно во Пелагонискиот регион има проблеми со сточарството и затоа правиме напори да обезбедиме поевтини производи со што ќе се амортизираат т.н. ценовни шокови. Констатиравме дека ситуацијата со откупот на тутунот, што е при крај, е мирна и севкупната слика е позитивна. Продажбата на јаболката во Преспанско ќе се оствари во целост, бидејќи годинава имаме и повеќе ладилници, рече Секуловски.
ФФРМ денеска е во Струмица, неготинско-кавадаречкиот и велешкиот регион, а наредните денови продолжува во Кочанско и тетовско-гостиварскиот регион. Вчера средби се одржаа со фармерите од Пелагонискиот регион.
Една од препораките на Федерацијата до нивните членови е потребата од што поголемо нивно организирање и здружување во кооперативи.
Извор: http://kurir.mk/makedonija/vesti/98889-Konsultacii-na-farmerite-za-uspesna-2013-vo-zemjodelstvoto