Почетна / Вести Македонија / Втор јавен повик за давање земјоделско земјиште на социјално загрозени лица

Втор јавен повик за давање земјоделско земјиште на социјално загрозени лица

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска објави втор јавен повик за давање на над 745 хектари државно земјоделско земјиште на плодоуживање на социјално необезбедените лица корисници на социјална парична помош.

Повикот се однесува на 21 регион, за Берово, Битола, Македонски Брод, Валандово, Гоостивар, Гевгелија, Дебар, Делчево и Демир Хисар.

На огласот може да аплицираат и заинтересираните  кои спаѓаат во категоријата социјално необезбедени лица, корисници на социјална парична помош и од Кочани, Крушево, Кратово, Кавадарци, Струга, Струмица, Пробиштип, Ресен, како и заинтересираните за добивање државни ниви во плодоуживање од Велес, Штип и од скопските општини Гази Баба и Чаир.

Со овој повик, од над 745 хектари државно земјоделско земјиште наменето за плодоуживање, најголемиот дел, скоро 285 хектари се во Струмичко, над 95 хектари во Кратовско, 92 хектари во Дебар и повеќе од 78 хектари во Валандовско. Во Пробиштип се огласени речиси 62 хектара, а во Кавадарци приближно 41.

Времетраењето на плодоуживањето за кое се издава земјоделското земјиште е 5 години.

Зависно од намената, земјиштетето може да се додели на плодоуживање најмногу до 4 хектари ако е во систем за наводнување, односно до 8 хектари ако е надвор од систем за наводнување.

За одгледување на житни, фуражни и индустриски култури, на поединец – плодоуживател може да му се доделат најмногу 4 хектари во систем за наводнување, а за здружени двајца плодоуживатели до 8 хектари државно земјоделско земјиште кое е во систем за наводнување. За производство на градинарски култури, поединец плодоуживател може да добие најмногу 0,6 хектари државно земјоделско земјиште кое е во систем за наводнување, а здружени двајца плодоуживатели максимум 1,2 хектари во систем за наводнување.

Согласно дефинираниот концепт за плодоуживање, корисниците на оваа Програма, по добивањето на земјоделското земјиште, ќе имаат право да користат и финансиска  помош за отпочнување земјоделска дејност, за корисниците кои ќе одгледуваат житни, фуражни и индустриски култури  ќе следува еднократна парична помош во висина од 20 илјади денари по хектар, но не повеќе од 120 илјади денари  денари, за одгледувачите на градинарски култури 55 илјади денари за хектар.

Покрај оваа помош, согласно Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2012-2013 година, Пилот програма за субвенционирање на плодоуживатели на државно земјоделско земјиште, на корисникот на плодоуживањето за првата година на плодоуживањето месечно ќе му се исплаќа надоместок во висина на социјална парична помош што ја земал до тогаш, исплата на придонеси за пензиско инвалидско осигурување и здравставено осигурување и исплата на надоместок за регистрација во регистарот на индивидуални земјоделци.

Во втората година, на регистрираниот индивидуален земјоделец ќе продолжи да му се исплаќаат придонесите за пензиско инвалидско осигурување и здравставено осигурување, а износот на надоместокот од средствата на социјалната парична помош што ја земал до тогаш ќе се намали за 50 проценти. Во третата година плодоуживателот нема да биде корисник на овие мерки.

Плодоуживателите по склучувањето на договорите за плодоуживање треба да се регистрирани преку Фондот на пензиско и инвалидско осигуруцање како индивидуални земјоделци на кои земјоделството им е основна дејност.

Комисијата врши избор на најповолен понудувач врз основа на критериумите утврдени во Програмата за давање земјоделско земјиште во државна сопственост на плодоуживање на одредена категорија социјално необезбедени лица.

На корисниците на социјална парична помош, им се доделува земјоделско земјиште во државна сопственост на плодоуживање по основ на времетраењето на користење на правото на социјална парична помош, бројот на членови во заедничко домаќинство, по основ на тоа дали член во заедничко домаќинство кое е инвалидно лице, самохран родител, по основ на  згрижување или старателство на дете без родители и родителска грижа или возрасно лице со одземена деловна способност.

Образецот за учество на јавниот повик (барање), може да се подигне во подрачните единици на Министерството за земјоделство и со сите потребни податоци и документи да се достави до Министреството за земјоделство, шумарство и водостопанство – Скопје во рок од 30 дена од објавувањето на повикот во дневниот печат.

За дополнителни информации понудувачите може да се обратат до Министерството за земјоделство на телефонот 02  313  44  77 или да ги посетат веб страните на министерствата за земјоделство  и за труд и социјална политика www.mzsv.gov.mk и www.mtsp.gov.mk.

 

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …