Почетна / Вести Македонија / Откупот почна со ниска цена за домашното лебно зрно

Откупот почна со ниска цена за домашното лебно зрно

Kвалитетот на житото го мерат единствено мелничарите. Во просек проценуваат трета класа и ни плаќаат ниска цена.

Вака реагира Тоде Лазаревски, земјоделец од пелагониското село Ивањевци за почетокот на откупот на годинашната реколта жито. Иако падна договор за откупната цената на лебното зрно, земјоделците од Пелагонија се жалат дека дел од мелничарите на терен не го почитуваат договореното.

По договорот, препорачаната цена на пченицата под 72 хектолитра тежина треба да биде 10 денари, од 72 до 76 хектолитри – 11 денари, од 76 до 78 хектолитри – 12 денари и над 78 хектолитри – 13 денари. Според земјоделците, дел од откупувачите вели дека житото нема голем квалитет и го плаќаат по 10 денари за килограм.

-Мелничарите мерат и ги одредуваат класите, ние немаме со што да вршиме проверка. Низ селата веќе се појавија ситни откупувачи што им го земаат житото на помалите земјоделци и под 10 денари за килограм. Во Демирхисарско се отворени неколку откупни пунктови, но покрупните земјоделците не го продаваат. Го носат само на чување додека да се испегла цената – вели Лазаревски. 

Од Сојузот на земјоделците потврдуваат дека договорените услови за откупот не се почитуваат. Претседателот Вељо Тантаров најави дека денес петтипат ќе седнат на заедничка маса со мелничарите во Министерството за земјоделство за да бидат надминати проблемите. 

– Само што се договоривме, а по некој ден дел од мелничарите откажаа од договореното. Сега или не ги отвораат пунктовите за откуп, а онаму каде што се отворени нема истакнати цени. Житото го откупуваат во 10 денари. На овој начин земјоделците се доведени во дилема дали да влезат и воопшто да жнеат зашто по овие ниски цени не сакаат да го продадат житото, вели Тантаров. 

Состојбата во која се наоѓаат земјоделците, според него, годинава дополнително ќе биде отежната зашто државата нема да ја воведе заштитната мерка за домашното производство позната како врзан увоз на пченица. Таа се применуваше неколку години наназад и предвидуваше за секој килограм увезена пченица мелничарите да мора да купат два килограми домашна. Но, како одговор на ова Kосово лани воведе ембарго за увоз на македонски кондиторски, житни и градинарски производи, по што земјоделците и трговците претрпеа загуби. 

– Сега мелничарите слободно може да купуваат српска пченица. Според берзата, втора класа српска пченица чини 196 евра за тон или 12 денари за килограм. Загрозен е домашниот род. Според законот, кога го купуваат домашното жито, можат да го платата за четири месеци, а во Србија купуваат жито во кеш – додава Тантаров. 

Се обидовме да исконтактираме повеќе сопственици на мелнички капацитети во земјава, но ни беше одговорено дека се отсутни од работа или дека имаат приватни проблеми, па не можат да зборуваат за темата. Малкумина одлучија неофицијално да проговорат за состојбите. Тие велат дека на секој почеток се јавуваат проблеми, но ќе бидат надминати со отворањето повеќе откупни пунктови и тврдат дека ќе се почитува хектолитарската тежина при откупот на домашното жито. Но, во услови на пазарна економија, сами ќе одлучуваат од каде ќе купуваат жито со поголем квалитет, а поисплатлива цена.

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …