Почетна / Вести Македонија / Осигурувајте ги посевите навреме, да не ве снајде невреме!

Осигурувајте ги посевите навреме, да не ве снајде невреме!

Годинешнава сума од 35 милиони денари како државна помош земјоделците можат да ја искористат, бидејќи им покрива 60% од трошокот за осигурување. Ако има поголем интерес, Владата ќе го зголеми износот.

Доколку постои интерес, Владата ќе ја зголеми сумата од 35 милиони денари што ја определи за оваа година, а е наменета за лицата кои сакаат да ги осигураат своите земјоделските стопанства. Ним државата им дава финансиска поддршка во висина од 60% од трошокот за осигурување.
– Веќе од следниот месец сите земјоделци кои сакаат да ги осигураат своите земјоделски имоти ќе може да ги поднесуваат своите барања до Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството за државата да може да им даде 60% од парите за осигурувањето, и тој рок ќе трае до крајот на август – најави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев и дополни дека со осигурувањето на посевот, насадот, расадот и доколку во идниот период настане некоја непогода и го оштети имотот на земјоделецот, осигурителната компанија му ја надоместува загубата.

Според анализите, оваа мерка им е најнеопходна на земјоделците кои поседуваат најмногу до 5 хектари лозови и овошни насади, до 2 хектари градинарски култури, до 1 хектар за тутун, до 10 хектари житни култури и до 100 пчелни семејства, односно тоа е највисок праг на посед на земјоделска површина за која може да се користат средствата од државата за да се осигура имотот.
– Проценката и анализата покажуваат дека токму земјоделците кои поседуваат до овој праг на земјоделска површина имаат потешкотии со осигурувањето, и дека тие трпат најголеми загуби од евентуалните непогоди, за себе и за своите семејства бидејќи претежно егзистираат од земјоделие, и за тоа интервентно на нив им се помага – рече Ѓорѓиев.

Според него, можноста треба добро да се искористи, затоа што финансискиот износ на трошок на самиот земјоделец не е висок.
– Тој се пресметува како резултат на површината која е осигурана и очекуваниот принос од таа површина на земјоделската култура. Тој очекуван принос се множи со пазарната цена на земјоделската култура, и од таа пазарна цена се пресметува премиската стапка како процент од вкупната очекувана сума на принос. Од таа премиска стапка земјоделецот дава 40%, а 60% државата – вели владиниот портпарол.

(С.Бл.)

Извор: vecer.com.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …