Не сме кренале раце од ништо, но дали ќе ги садиме овие култури зависи од тоа дали ќе има кој да ги откупи – велат во Сојузот на земјоделци на Македонија.
Никој од надлежните не знае колку средства остануваат од субвенциите наменети за култури што одамна се исчезнати од нивите, какви што се афионот, шеќерната репка, памукот, и каде завршуваат. Во Агенцијата за поддршка на земјоделството и рурален развој велат дека исплатата на субвенциите се одвива во две платежни години и дека с` уште немаат евиденција, а парите за овие култури не биле предвидени во посебна мерка, туку со другите индустриски растенија. Ниту во земјоделските здруженија не знаат колку пари од минатите години останале и за каде се пренаменети. И институциите и земјоделците се едногласни дека средствата за годинашните субвенции се зголемени и дека прв пат годинава за да добијат субвенции, ќе мора да исполнат одредени услови. Во Платежната агенција велат дека не може да стане збор за „субвенции што останале неподелени“ бидејќи с` уште исплаќаат пари од 2012 година.
– Согласно Законот за земјоделство и рурален развој, исплатата на директни плаќања се врши во тековната година, кога се поднесува барањето, и во следната календарска година до 30 јуни, и тоа по завршување на сите контроли со кои треба да се утврди исполнетоста на условите за доделување директни плаќања. Поради опсежноста на програмата и голем опфат на мерки за поддршка, како и поради технологијата на процесите, за некои мерки барања се поднесуваат до крајот на годината – велат во Агенцијата.
Од тие причини, според нив, реализацијата на програмата согласно законот се одвива во две календарски години. Тие велат дека токму затоа не може да стане збор за „субвенции што останале неподелени“ бидејќи исплатата продолжува да се извршува во континуитет и се очекува целосно да се заврши во законски утврдениот рок. Што се однесува до парите наменети за шеќерна репка, памук, афион, со суми околу 9.000 денари за хектар, во Агенцијата велат дека сумите не се определени поединечно по култура.
– Директните плаќања, како мерки за поддршка на доходот на земјоделските стопанства, во тригодишните програми се утврдуваат како збир на мерки и подмерки, во зависност од секторот на поддршка во земјоделството. Во програмата нема посебно издвојување износ за конкретна земјоделска култура. Земјоделските култури шеќерна репка, памук и афион спаѓаат во потсектор индустриски култури, сектор поледелски култури, па и во Програмата планираните средства се на ниво на мерка, а не како посебни ставки со конкретен износ на средства – велат во Платежната агенција.
Земјоделците велат дека конечно се става ред во исплатата на субвенциите со исполнувањето одредени услови за да можат да добијат државна помош.
– Голем дел од земјоделците досега земаа субвенции, а не беа регистрирани земјоделци. Со измените на законот, ќе мора да си го решат статусот. Што се однесува до културите што ги садиме, с` зависи од пазарот. Не сме кренале раце од ништо, ниту од шеќерната репка ниту од памукот, но дали ќе ги садиме зависи од тоа дали ќе има кој да ги откупи – велат во Сојузот на земјоделци на Македонија.
Во Министерството за земјоделство велат дека според Националната програма за развој на земјоделството и руралниот развој од 2013 до 2017 се обезбедува буџетско планирање со кое се добива зголемување на приходите на земјоделските производители. Според неа, структурата на директните плаќања го задржува нивото од 2012 година, а мерките за рурален развој бележат пораст. Продолжуваат исплатите по површина, грло и производ. Се воведуваат нови мерки во делот на семепроизводството: производство на расад и семенски материјал за компир, домат и пиперка како и директни плаќања за производство на предосновен и основен семенски материјал за житни култури.
– Мерките за подигање нови површини под лозови и овошни насади, како и мерките за набавка на приплоден добиток, како инвестициски мерки, се трансформираат во мерки за рурален развој со цел задолжително неколкугодишно следење на истите. Прв пат директните плаќања за 2013 година се условени со исполнување на задолжителните барања или услови поврзани со заштита на животната средина, здравјето на луѓето, животните и растенијата и благосостојба на животните – велат во ресорното министерство.
Валентина Ангеловска
Извор: dnevnik.mk