Градоначалникот на општина Кисела Вода Марјан Ѓорчев и директорот на ЈКП „Комуналец – Кисела Вода“ Дојчин Алексовски денеска го пуштија во употреба новиот зелен пазар „Расадник“, што се наоѓа на улицата „Франк Харкорд Манинг“, спроти паркот „Македонија“.
Пазарот се простира на површина од околу 250 метри квадратни и има поставени 40 тезги со настрешници за продажба на земјоделски производи.
– Изминатиот период на оваа локација егзистираа неколку тезги за продажба на земјоделски производи, кои не можеа да ги задоволат барањата и потребите на жителите на Кисела Вода за земјоделски производи. Ова е само прва фаза од изградбата на целосниот комплекс на пазарот. Следниот период општината ќе инвестира во нов јавен паркинг од 1.000 метри квадратни и два нови јавни тоалети за сите посетители на зелениот пазар, изјави Ѓорчев.
Во рамки на пазарот има чешма за вода, монтажни тоалети, а обезбеден е и пристап за возилата кои ќе ги доставуваат производите.
– Работното време на пазарот е од 06 до 18 часот во летниот период и од 07 до 17 часот во зимскиот период. Во недела и во државни празници, пазарот ќе работи од 06 до 17 часот, рече Алексовски.
Одржувањето на пазарот ќе биде во надлежност на ЈКП „Комуналец – Кисела Вода“. За изградбата на овој пазар, општината од својот буџет издвои околу 4 милиони денари. Градежните работи ги изведуваше фирмата „Бортас“ од Скопје.
Извор: http://kurir.mk/republika/skopje/98973-FOTO-Opstina-Kisela-Voda-dobi-zelen-pazar