Со буџетска финансиска помош за опремување, кирија и вработување, продавници и штандови на кои ќе се продава само домашно вино годинава ќе се отворат во централните градски подрачја, на гранични премини, аеродроми и во хотели и казина.
Со буџетски пари ќе се поттикнува и развива винскиот туризам во државата. Пред почетокот на годинешната туристичка сезона класични продавници и штандови за вино ќе се отвораат во централните градски подрачја и на фреквентните места каде што има циркулација на туристи и потрошувачи, во хотелите, на аеродромите и на граничните премини. Во нив ќе се продаваат исклучиво вина од македонски производители.
За да го поттикне отворањето на вакви продажни места, во контекст на поддршката на туризмот и домашните компании кои произведуваат вино, Владата на последната седница реши да одвои буџетски средства со кои ќе го помогне опремувањето, закупот и вработувањата во тие продавници. Предвидено е за опремување на продавница да се кофинансира сума од 50% од направените трошоци за опремување, но не повеќе од 1.000.000 денари по продавница. За вински штанд ќе се плати целата сума потрошена за негова изработка, но не повеќе од 600.000 денари за еден штанд.
Ќе се кофинансира и половина од годишната закупнина најмногу до 30.000 денари месечно по продавница или штанд. Колку ќе издвојува државата за вработување на најмногу четири лица во продавница и најмногу две лица на штанд се уште не е дефинирано, а засега се знае дека нема да биде помалку од половина просечна годишна, односно месечна бруто-плата по работник. Не се исклучува можноста во зависност од интересот, државата да ја финансира и целата бруто-плата по работник.
Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев објаснува дека класични продавници ќе се отвораат во централните градски подрачја и на фреквентните места каде што има циркулација на туристи и потрошувачи, а винските штандови ќе се сместат во хотелите, на аеродромите и на граничните премини. Според оценките на Владата заради големиот број на лица кои циркулираат кон овие локации и двете форми обезбедуваат сигурен промет и пласман за субјектите кои ќе се занимаваат со оваа дејност.
Наскоро Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој ќе распише јавен повик на кој ќе можат да се јават и за финансиска поддршка да конкурираат правни лица регистрирани согласно Законот за трговска дејност, Законот за угостителска дејност и Законот за игри на среќа. При тоа, продавниците или винските штандови што планираат да ги отворат треба да исполнува минимум технички услови за продажба на алкохол, а треба да се почитува и законски одреденото работно време. Исто така, продавниците и штандовите за кои ќе се бара владина поддршка треба да се во центрите на градовите или на локации одредени со Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2013. Договорот за закуп на просторот треба да е најмалку на три години, а вработените треба да имаат солидно познавање на англискиот јазик и основни познавања за вино. Исто така, при поднесување на барањето, барателот треба да приложи преддоговори со производители и трговци на вино и да обезбеди застапеност на најмалку 15 домашни производители на вино. Еден корисник може да добие владина субвенција за најмногу две продавници и еден штанд, односно три штандови. Државната финансиска помош ќе треба да се врати ако продавницата се затвори или се пренамени пред истекот ан рокот за кој е добиена.
Во Скопје се планирани две вински продавници, една во центарот и една во Старата чаршија, а во Охрид треба да има една продавница во центарот и три штандови во хотели со четири ѕвезди. По една продавница ќе се отвори и во Берово, Кавадарци, Штип, Струмица, Прилеп, Битола и Крушево, два штанда ќе има во хотели во Маврово, и по еден во Попова Шапка, Кожуф и Стоби. Штандови ќе се постават и во хотели и казина на граничните премини Дојран и Гевгелија, на двата аеродрома и на меѓународната автобуска станица во Скопје.
– Оваа мерка е димензионирана во соработка со стопанските коморите и особено со македонската асоцијација на производители на вино, чии идеи ги прифативме, конкретно ги разработивме и финансиски ги поддржуваме. Со оваа поддршка се дава сериозен придонес во развојот на туризмот, во развојот на трговијата, и во поддршката на македонските компании кои тргуваат и произведуваат вина, но и се обезбедуваат нови работни месат со директна поддршка на државата – вели Ѓорѓиев.
(С.Ву.)
Извор: http://vecer.com.mk/?ItemID=E1EF5E4257FED74CA9070C1CA99BB5FE