Расте интересот за брендирање на земјоделските производи.
Во моментов во тек е регистрацијата на уште пет производи кои ќе го добијат знакот за квалитет, јави Сител. Охридската цреша, валандовското бело зимско грозје, виното станушина, фила шарлаган, ладно цедено масло и галички кашкавал се македонски производи кои во моментов се во процес на регистрација.
Владата нуди субвенции за брендирање на производи. Субвенциите се во висина од половина од потребните средства за изработка на елаборатот, а потоа уште 5% од вкупната вредност на продадените производи. Исто така има субвенции и за земјоделците кои своите производи ќе ги продадат на преработувачи кои произведуваат брендирани производи, тие добиваат по 0,5 денари по литар или килограм предаден производ.
– Ние апелираме да расте интересот за брендирање на земјоделските производи затоа што на тој начин не само што се добиваат субвенции од државата, туку тие производи многу полесно се продаваат и постигнуваат подобра цена на пазарот – вели Александар Георгиев, портпарол на Владата. Досега процесот на брендирање го завршија шест производи: кочански ориз, тетовски грав, македонски ајвар, овчеполски мед, малешевско бело сирење, старо бачило бело сирење.
Извор: vecer.com.mk