Секој земјоделец ќе мора да води евиденција за препаратите и да ги запишува периодот и дозата на употреба, а ако применува отровни производи за заштита, предвидена е глоба до 12.000 евра.
Секој земјоделец ќе мора да води евиденција за препаратите со кои ги третира растенијата и да запишува во кој период и со која доза истите ги прска. Доколку, пак, се појават некои болести и штетници на растенијата на нивите што ги одгледува, должен е во најкус можен рок за тоа да ги извести Земјоделската инспекција и Фитосанитарната управа. Во спротивно ризикува да заработи казна од дури 12.000 евра. Ова се само мал дел од измените на законите за заштита на растенијата и за саден и семенски материјал, кои веќе стапија во сила од средината на месецов. Според истите закони, Владата ќе прави мониторинг на целата држава за да се утврди дали земјоделците можеби користат препарати што не се дозволени, како и за тоа што с` се увезува од страна на трговците со препарати за заштита, како и каков семенски материјал влегува во земјата. Фитосанитарната управа за контролите и за мониторингот ќе поднесува извештај до Владата за тековната година најдоцна до април следната година.
– Глоба од 6.000 до 12.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на правно лице ако произведува и ако пласира на пазарот средства за заштита на растенија за кои не се издадени одобренија, ако дава неточни и нецелосни податоци за декларирање и за пакување на производот и не му дозволува на инспекторот да спроведе контрола на она што го продава. Исто така, казна може да заработи ако продава многу токсични материи, кои се штетни за пчелите, а нема посебно одобрение за тоа. Kазна од 2.600 до 4.000 евра ќе добие и одговорното лице – дециден е законот. За земјоделецот исто така предвидена е глоба до 12.000 евра ако самиот применува отровни производи за заштита, а производите што ќе бидат најдени ќе му бидат одземени.
Лабораториите што ќе ги вршат испитувањата на производите за заштита на растенијата треба да добијат посебни дозволи за акредитација, и тоа најдоцна до крајот на следната година.
До истиот тој период акредитации треба да добијат и лабораториите што ќе испитуваат и ќе чуваат сертифицирани видови саден и семенски материјал. Правните лица, пак, кои не работат согласно со Законот за семенскиот и садниот материјал, може да заработат казни до 6.000 евра ако тргуваат без сертификат, кој докажува дека продаваат одреден вид.
– Kазни има и за увозниците што пуштаат во промет саден и семенски материјал без официјални етикети, ако го препакуваат без официјално да се обележи како да се задржи квалитетот на семето и на садниот материјал, односно во какви услови да се чува, ако увезува заради извоз, односно ако не поседува дозвола дека целото семе што е увезено, насадено и произведено кај нас завршило надвор од границата – велат во Земјоделската инспекција. Од таму додаваат дека казни ќе има и за одговорното лице, кои се до 4.000 евра во зависност од направениот прекршок, а толку ќе добие и земјоделецот ако не постапува според законските одредби.
– Само на ваков начин ќе стави ред во аграрот и земјоделецот ќе го добие видот за кој платил. Досега многу често се случуваше на пазарот да се најдат семиња и садници без декларација, да се продава еден вид, а кога ќе се насади, да се види дека е друг. Само пред извесно време Земјоделската инспекција уништи илјадници садници без декларација – велат експертите.
Земјоделците генерално ги поздравуваат новодонесените закони. Велат дека малку потешко ќе оди со евиденцијата на третирањето со средствата за заштита на растенијата.
– Свесни сме дека многу често ни се случува да купиме семенски и саден материјал, кој не одговара на декларацијата. Проблемот е голем бидејќи цените се многу високи, а приносот може да биде многу мал или воопшто да го нема. Што се однесува до водењето на евиденција од наша страна, ќе мора да се одвои малку повеќе време и ќе треба да се направи навика дека пред секое прскање или третирање со одреден препарат, тоа да мора да се запише. Но со тек на време мислам дека нашите членови ќе се навикнат – велат во земјоделските здруженија.
Извор: dnevnik.mk