Турскиот ориз што годинава првпат пробно беше насеан во Kочанско со проект финансиран од Турската агенција за помош и соработка ТИKА, а поддржан од нашето Министерство за земјоделство, дал одлични резултати.
Беа посеани 14 сорти ориз на по еден хектар кај 20 индивидуални оризопроизводители, а половина хектар посеа и ожнеа Земјоделскиот институт.
Д-р Добре Андов од одделот за ориз на институтот истакнува дека сите 14 сорти, со исклучок на една на приватните имоти, дале приноси од над осум тони од хектар. Рандманот и другите параметри ќе се утврдуваат по сушењето и преработката, а некои земјоделци тоа го завршиле.
– Посеав и ожнеав еден хектар од турската сорта „гала“ и добив одличен принос од 9,5 тони арпа, со рандман од 60 до 65 отсто. Прва година ни е, па немаме искуство со турскиот ориз, но мислам дека од него ќе може да вадиме приноси и повисоки од десет тони. За жал, нашиот ориз годинава целосно потфрли – вели Глигорчо Димитриев од Горни Подлог, кој има 12 хектари под ориз.
Проектот, кој од ТИKА неодамна го оценија како многу успешен, ќе трае две години. Нашите земјоделци засега се поделени. Некои сметаат дека тоа ќе биде голема шанса за пласман на македонскиот ориз зашто Турција може да апсорбира големи количества. Други, пак, стравуваат да не се направи преориентација на турските сорти, а Турција потоа да не зема ориз од Македонија, па да се изгубат и досегашните пазари во соседните земји, кои се навикнати на италијанската сорта „сан андреа“, која се произведува кај нас, но не и на турските.
Извор: dnevnik.mk