Смртоносен вирус во храна го коси поголемиот дел од населението, а јачменот наменет за сточна храна е затруен со опасна бактерија.
Биолошко оружје од непознато потекло без контрола се шири низ земјава и ги загадува житните култури. Не станува збор за сценарио за хорор-филм што треба да се снима, туку за можна ситуација со која секоја држава треба да биде подготвена да се справи. Македонија првпат донесе петгодишен општ план за управување со кризи од областа на безбедноста на храната, кој веќе е објавен во „Службен весник“ и стапи во сила.
Што се прави во случај кога граѓаните се соочени со ризици како резултат на небезбедна храна? Според Планот, ако се појави криза, најбитно е најпрво да се обезбеди систем на доверливост кој ги насочува информациите и активностите што се преземаат за да се отстрани евентуалниот загрозувач на здравјето на луѓето. Се прави мобилизација на персоналот, сите добиваат посебни задачи, се дава одобрување за користење на ресурсите, се воспоставуваат зони на дејствување и се известуваат сите органи што треба да помогнат брзо и ефикасно да се отстрани кризата или животно загрозувачката состојба за луѓето и за животните. Веднаш се реагира ако има состојба намерно или случајно предизвикана, а има ризици за здравјето на луѓето и на животните при производство, увоз, извоз или дистрибуција на храна. Општиот план се применува кога ризиците не можат да се елиминираат или да се стават под контрола со редовните активности на официјалните ветеринари или инспектори со храна.
– Планот е нешто ново што се носи кај нас. Целта е обезбедување соодветна подготвеност на нашата агенција и другите релевантни институции, управи и организации ефикасно и благовремено да реагираат во случај на криза, односно појава на ризик или закана за здравјето на луѓето, животните или за животната средина – вели Дејан Рунтевски, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Според него, ќе се воспостават организациски структури и ефективен одговор во случај на криза која би била животно загрозувачка.
– Планот е национален, но може да се примени и на локално ниво. Целта е да ги организира сите субјекти што може да влијаат за ефективно и брзо отстранување на кризата – објаснува Рунтевски.
Агенцијата за храна и ветеринарство обезбедува персоналот редовно да се обучува за постапките во случај на криза, а програмата по која ќе се обучуваат ја носи директорот. Агенцијата ги обезбедува и парите потребни за спроведување на планот. Главна одговорност на директорот на Агенцијата е да се осигури дека неговата институција е подготвена во секој момент да се справи брзо и ефикасно со кризната ситуација.
Општиот план се применува со одлука на директорот на агенцијата, а во негово отсуство, надлежен е заменикот. Во општиот план вклучени се дванаесет државни институции меѓу кои и Центарот за управување со кризи, МВР, Министерството за здравство, за економија, за земјоделство, но вклучени се и други институции.
Извор: dnevnik.mk