Ова што ни го направија со виното е исто како да ни го сменија името на Република Македонија во Повардарска Македонија.
Вака винари од Тиквешко, најголемиот лозаровиинарски регион во Македонија, ја коментираат одлуката македонското вино да се извезува под географската ознака „повардарско“.
– И онака имаме проблеми со продажбата на виното, па уште и ова ни требаше за да излеземе како несериозни кон нашите партнери. Што ќе им кажеме сега на нашите постојани муштерии во странство – велат винари за „Дневник“.
Менаџерот на винарската визба „Аневски“ од Штип, Ѓорѓи Бебеџаков, вели дека за цело време се труделе како винари македонското вино да стане бренд во светот и сега одеднаш излегува дека таа битка за освојување на пазарите треба да почне отпочеток.
– Тоа не е воопшто добро – вели Бебеџаков.
Ниту Марија Велковска, еден од најстарите енолози во државата, не се согласува со тоа македонското вино да стане повардарско.
– Не се согласувам со таквата измена. Тоа за мене се глупости и производ на винската мафија, која сака да му наштети на македонското вино. А толку многу години се трудиме да создадеме имиџ на винска земја. Жалосно е ова што ни се случува – нагласува Велковска.
Таа бара малку повеќе сериозност и стручност кога се одлучува за вакви важни работи. Според други винари, потребно е добро да се согледа што ќе добие, а што ќе изгуби македонското винарство со оваа одлука.
Пред неколку дена беше промовирана новата географска ознака за македонските вина, „повардарски“ или во англиска верзија Vardar Valley Wines. Иницијатор за воведување на ознаката беше здружението „Вина од Македонија“, кое изминативе две години интензивно работеше со поддршка на ФАО и ЕБOР. Од здружението сметаат дека со географската одредница македонските вина ќе имаат поголема вредност на странските пазари, бидејќи токму одредниците за географско потекло се тие што ги прават препознатливи на пазарот светските брендови на вина.
– Географската ознака „повардарски“ ќе има големо значење од историски аспект, особено за комерцијалниот сегмент и како предводник на многу други географски ознаки од македонската винарска индустрија, кои ќе се генерираат со текот на времето – изјави Владислав Попов, претседател на Здружението.
До крајот на годинава Македонија ќе почне да извезува вина со заштитено географско потекло „повардарски“. Оваа географска ознака, која е веќе дефинирана, најпрво треба да се регистрира во земјава, а потоа и во ЕУ.
– Со географскиот индикатор „повардарски“, македонските вина ќе може да се борат на светската арена паралелно со вината од другите земји. Останува на производителите да ја прифатат, искористат и промовираат оваа алатка и да профитираат од тоа што го имаат – изјави Фредерик Жулие од ФАО.
Светлана Дарудова
Грците против „македонско вино“
Пред две години Грција побара да се забрани извозот на нашите вина во земјите-членки на ЕУ ако на етикетите на шишињата ја имаат одредницата „македонски” или „Македонија”. Под грчки притисок дел македонски вина беа повлечени од продажбените места во Словенија и во Германија. Грција тогаш реагира и до Европската комисија, од која побара да ~ нареди на Македонија, нашите винарници да не ги употребуваат географските одредници „македонско” или „Македонија” на винските шишиња. Македонските власти го бранеа ставот дека и двете земји имаат право да ја користат истата географска одредница.
Извор: dnevnik.mk