Дождот ја запре жетвата во најголемата житница во земјава, Пелагонија. Невообичаено за овој период од годинава за само неколку дена наврнаа дожд од 30 литри на квадратен метар, а делови од житните полиња беа погодени и од град.
Земјоделците се жалат дека комбајните не можат да влезат во нивите, а и зрната жито содржат влага над дозволените граници. Според нивни процени, поради пробивањето на рокот на жетвата од десетина дена и поради невремето и штетите нанесени пред три месеци од поплавите дури годинешниот род ќе биде за 30 отсто помал од минатогодишниот.
– Не паметиме друга ваква година. Секој ден врне. Доцниме со жетватата, а секое одлагање е и губење жито. Наместо од 5 јули, како што е правило, дури од идната недела ќе почне да се бере родот. Родот ќе биде далеку послаб отколку лани. Штети кај печницата има од дождот и од градот. Минатите години вадевме по 900 килограми од 2.000 квадрати, а сега ќе имаме 400. Тоа е многу ниско и не ќе можеме да ги покриеме трошоците за жнеење, сеење и семе – вели земјоделецот Димче Ангелевски од Новаци.
Земјоделците од индивидуланиот сектор стравуваат дека приносите ќе бидат помали од 3 тони од хектар. Подобри се состојбите само во земјоделскиот комбинат „Пелагонија“, каде што жетвата е исто така запрена, но поради современите агротехнички мерки, се очекуваат високи приноси од над 4 тони од хектар.
– И кај нас е во прекин жетвата, како резултат на временските услови. Но, очекуваме да продолжи. Имаме за жетва околу 7.300 хекатри со жито, а 200 хекатри се веќе ожнеани. Долгогодишната работа и искуството со воведување квалитетни сорти и современата технологијата можеме да се пофалиме дека ќе имаме добар кавлитет на пченицата – изјави Тоде Ивановски, раководител во комбинатот.
Од Агенцијата за развој на земјоделството во Битола потврдуваат дека е пробиен рокот на жетвата. Според планираното, до 5 јули требаше да заврши жетвата на јачменот, но поради дождот таа се издолжи.
– Поради влагата, комбајните не можат квалитетно да ја извршат жетвата зашто површината не е достапна. При зреењето се потребни сончеви периоди за влажноста на зрното да не е поголема од 14 проценти, за тоа да може да биде ожнеано и да се чува. Околу реката Црна имаше повисоки потпочвени води, па дојде и до гниење на дел од растенијата. Би требало да биде намален приносот во тие делови, но ќе покаже времето – изјави Васко Бардаковски, претставник од Агенцијата.
Во Пелагониско чекаат да бидат ожнеани 17.000 хектари со печница.
Врзаниот увоз на пченица ќе се укине во декември
Ограничувањето на увозот на српска пченица не е укинато. С` уште преговараме и не е дефиниран конечниот став на двете влади. Очекуваме тоа да се случи на 22 јули, на средбата на ЦЕФТА, изјави министерот за економија Ваљон Сарачини.
– Македонија не прифати целосно да ја повлече одлуката, преговараме за да најдеме начин како тоа долгорочно да го решиме и да немаме вакви проблеми во иднина. Вчера имаше средба меѓу владини претставници од Македонија и од Србија, ситуацијата е смирена и веќе се договоривме да имаме неделни состаноци со претставници од српската влада – изјави Сарачини.
Тој прецизира дека за 22 јули е закажана средба на ЦЕФТА на која, како што рече, ќе се обидат да најдат заеднички јазик за да се реши овој проблем долгорочно и во иднина да нема проблематични ситуации, не само со нашите соседи, туку и со другите европски земји, со кои имаме добра трговска соработка.
Да не се отповикува одлуката
Земјоделците бараат од државата да не ја отповикува одлуката за врзан увоз на пченица и брашно со откуп на домашниот род.
– Со таа мерка е воведен ред во откупот на домашното жито. Очекуваме во следните денови да се сретнеме со премиерот и да ги кажеме нашите маки и се надеваме на помош од него – изјави Вељо Тантаров од Сојузот на земјоделци.
Извор: dnevnik.mk