Почетна / Вести Македонија / Нема афлатоксин во македонското млеко

Нема афлатоксин во македонското млеко

Заради поголема безбедност од минатата недела сите млекарници во државава имаат обврска пред да го пуштат во промет за млекото да обезбедат доказ дека не содржи афлатоксини над максимално дозволената граница од 0,05 микрограми на килограм.

Нема афлатоксин во македонските млека! Ова го покажаа и вчерашните резултати од лабораториските анализи на домашното млеко во промет направени во преостанатите македонски млекарници.

Според Агенцијата за храна и ветеринарство прелиминарните резултати од лабораториските испитувања на дополнителните 25 мостри млеко и преработки од млеко направени во акредитираната лабораторија на Факултетот за ветринарна медицина, потврдија дека домашното млеко и млечните производи се безбедни, односно дека во нив нема присуство на афлатоксин над максимално дозволените концентрации. Станува збор за испитани репрезентативни мостри млеко и преработки од млеко, земени по случаен избор од прометот.

За претходните резултати од анализите на млекото и преработките од млеко кои беа земени од поголемите домашни производители и преработувачи на млеко за кои викендов Агенцијата за храна и ветеринарство информираше дека се безбедни, добиена е и официјална потврда од страна на Факултетот за ветеринарна медицина. Засилени се контролите на граничните премини, а од пред десеттина дена на сила е и наредбата за задолжително земање на мостри за испитување на афлатоксини кај увозното млеко и преработките, со што до добивање на резултатите дека производите се безбедни, истите не смеат да се пуштаат во промет, што за граѓаните е една од мерките за гарантирање на безбедноста на овие прехранбени производи.

Досега на граничните премини лабораториски анализи се вршеа на само 50 отсто од увозните пратки, сега лабораториските анализи особено за присуство на афлатоксин на граничните премини ќе се прават задолжително на сите увозни пратки. Дополнително секоја македонска млекарница е должна пред да го пушти млекото во промет, да направи анализа за евентуално присуство на афлатоксинот М1.

Инаку присуство на афлатоксинот М1 над дозволените граници беше утврдено и во дел од пратките од српските и хрватските брендови кои влегле во земјава. Од Агенцијата за храна и ветеринарство, уверуваат дека спорните пратки се во магацините на увозниците и не стигнале до потрошувачите. За нив ќе бидат известени матичните компании во Хрватска и Србија, а пратките или ќе бидат вратени или уништени.

Во меѓувреме српските власти при контрола на фармите и фабриките, откриле недозволена концентрација на афлатоксин во сточната храна, поради што забрането е производство на млеко во 12 фарми.

Министерството за земјоделство бара на овие фарми да им се додели пченка од стоковите резерви како и лекови со кои би се прочистила стоката од токсичната храна.
Премиерот на Србија, Ивица Дачиќ за тамошните медиуми изјавил дека редно е да се престане со ширење на паника и дека кога целосно го подржува министерот Кнежевиќ во тврдењето дека млекото не е токсично. “Никој во оваа Влада, веројатно, не е луд да ги труе своите граѓани”, рекол Дачиќ.

(М.П.)

Извор: vecer.com.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …