Пограничните битолски села наликуваат на Венеција, откако дождовите поплавија околу 200 куќи во Kравари, Логоварди, Егри и на други пониски населени места.
Жителите се жалат дека каналската одводна мрежа не е исчистена со години, па водата им се враќа во куќите. – Дајте ни кајчиња за да стигнеме до дома. Цела вечер го спасуваме селото со пумпи, кофи и со шишиња, но каде да се носи водата кога одводните канали не се исчистени. И Петтиот канал е полн со ѓубре, неисчистен со години и водата се враќа. Праќаме писма до надлежните за помош и секогаш вината си ја префрлуваат едни на други – вели Љубе Најдовски, жител на Kравари.
Дополнителен проблем е што селото плива и во фекалии зашто се излеа канализацијата.
– Kуќата ми е во вода, како и земјоделската механизација. Но, најстрашно од с` е што се врати канализацијата и сега дворовите ни се полни со фекални води. Ја слушав цела вечер канализацијата како клокотеше и изби на површина како извор. Сега водата и да се исцеди, што ќе правиме со смрдеата? – се пожали Тодорка Таневска.
Завчера во Пелагониско наврнаа 40 литри дожд на квадратен метар, а падна и град. Под вода се над 1.000 хектари посеани со жито, јачмен и други култури, а поплавени се и површините што беа подготвени за пролетна сеидба. Земјоделците стравуваат дека родот ќе претрпи големи штети.
– Наместо жито, ќе треба да одгледуваме ориз. Од ова нема да никне ни трева, а камоли пченица, с` е изгубено – се пожали Kоле Таршиевски од Логоварди.
Таму под вода се стотина хектари, во соседното Новаци околу 300 хектари со жито, а во Егри и во Kравари настрадаа и пластениците.
– Со Бога не можеме да се бориме. Старите велеа од суша нема глад како што има од водата, зашто таа кога ќе фати, ништо не никнува. Стравуваме од нови поплави зашто е нарушена каналската одводна мрежа, а водостојот на Црна Река се зголемува – вели Мино Апостоловски, земјоделец од Битолско.
Од подрачното одделение за земјоделство во Битолско велат дека засега нема поплави од излевање на поголеми реки или на главната каналска мрежа, туку проблем се високите подземни води. (Ж.З.)
Извор: dnevnik.mk