Според европскиот систем, секој што учествува во производство и продажба на храна сам одговара за тоа што го нуди на пазарот, додека државата контролира многу помалку отколку порано.
Kолку треба да се контролира храната, како месото, млекото, јајцата, рибата и друго, во вкупното производство на државата е прашање кое се наметнува во екот на аферата со афлатоксините. Судејќи според она на што се обврзавме со прописите на Европската унија, многу малку се контролира. Имено, го прифативме европскиот систем на самоконтрола, во кој, од полето до масата, секој што учествува во производство и продажба на храна сам одговара за тоа што го нуди на пазарот, додека државата контролира во многу помала мера отколку порано, пишува весникот „Нови лист“.
Притоа, кога се работи за кравјото млеко, кое годишно во Хрватска се произведува во околу 550.000 тони, според Правилникот за мониторинг на живи животни и производи од животинско потекло, годишно за остатоци на лекови и на други штетни материи во млекото, како и на микотоксини, т.е. афлатоксини, се контролираат само 300 примероци.
Од тие 300 примероци, кои државата мора да ги земе од фарма или во млекарница пред префрлање на млекото од цистерни, само 210 од нив (70 отсто) се контролираат за присуство на резидуи – остатоци од лекови, а само 15 отсто, т.е. 45 примероци на микотоксини, габи од добиточна храна и други слични штетни материи.
Што се однесува до јајцата, кокошките во Хрватска снесуваат околу 850 милиони јајца, а како што велат правилата за државен мониторинг, се прегледуваат најмалку 200 примероци годишно. Во секој примерок мора да има 12 јајца, што значи дека годишно за остатоци од лекови и други штетни материи се прегледуваат само 2.400 јајца, односно, едно јајце од 354.000 произведени.
Kај говедата треба да се тестираат најмалку 0,4 отсто од вкупниот број говеда заклани во претходната година. Според податоците на Државниот завод за статистика на Хрватска, како што наведува весникот, ако во 2011 година се заклани 246.000 говеда, илјада од нив државата морала да ги испита за остатоци од лекови и други штетни материи. А од вкупното производство на свинско месо, половина мора да се преконтролира, како и по сто кокошки, мисирки и други птици на вкупно 60.000 тони произведено пилешко месо.
Извор: dnevnik.mk