Почетна / Вести Македонија / Негувана дама ора 25 хектари

Негувана дама ора 25 хектари

Постдипломецот Васка Мојсовска од неготинско Тимјаник е секогаш средена, со негувани нокти, а нејзина канцеларија е тракторот со кој ги обработува лозјата, но не се жали, туку со љубов зборува за земјата.

 

Таа е постдипломец, има 35 години, секогаш е средена, има негувани нокти, мириса убаво, но се лажете ако помисливте дека дамата работи во некоја канцеларија. Таа е лозар, вози трактор и знае с` да работи со него, знае како се раѓа лебот на нивата. За Васка Мојсовска од неготинското село Тимјаник нема поделба на машка и женска работа. Таа е доказ дека има успешни млади земјоделци кои не се срамат од тоа што го работат и се гордеат што заработуваат добро, благодарение на земјата. На саемот за земјоделство „Агрофуд“ лани од Прокредит банка доби награда за најпроактивен земјоделец во областа на лозарството. 

Родена е во скромно семејство на работници кои за време на транзицијата ги изгубиле работните места и се соочиле со огромни проблеми околу егзистенцијата. Единствената шанса за преживување ја виделе во земјоделството. Заедно со помалиот брат израснале по нивите. Но најтешкото следувало потоа.

– Се запишав на Педагошкиот факултет, но во меѓувреме се омажив. Со сопругот Гоце немавме извор на егзистенција. Затоа се свртевме кон земјата. Впрочем единствено тоа најдобро знаевме да го работиме. Двајцата бевме израснати со лозарството. Почнавме да ги обработуваме нивите што ги наследивме од свекорот. Садевме лозови насади и секоја година ги зголемувавме површините. За да ги намалиме трошоците во Србија научивме да калемиме лозови и овошни садници. Прво калемевме за сопствени потреби, па потоа и за други. Го усовршивме калемарскиот занает, а одгледувавме и пипер. Беше тешко и макотрпно да се студира, да се работи по нивите и да се одгледуваат и воспитуваат две мали дечиња. Но бевме упорни и многу работевме. Не се откажав. На почетокот ги обработувавме само наследените 1,5 хектар земја. Сега обработуваме 25 хектари од кои дел е сопствен имот, а дел државен имот земен под концесија – ни откри оваа млада жена. 

Во напредокот во лозарството и расадникот за лозови и овошни садници многу им помогнала аграрната политика на Владата, субвенционирањето на земјоделците, даночната политика и проектите за рурален развој. 

Изградбата на новата куќа, работата и семејството придонеле малку подоцна да го заврши факултетот. Не можејќи да најде работа со својата струка, се регистрирала како индивидуален земјоделец. Сега е на постдипломски студии на Земјоделскиот факултет за храна и науки во Скопје, на студиската програма растителна биотехнологија, модул лозарско производство. Надградба на знаењето за усовршување на земјоделството стекнува и преку разни обуки, работилници, трибини и советувања од сферата на земјоделството, саеми и студиски патувања во земјава и странство. Вели дека учи нови работи и техники во земјоделството кои планира да ги примени во Тимјаник. Членувањето во Федерацијата на фармери и соработката со невладините организации исто така ~ било од голема корист.

– Наградата за најпроактивен земјоделец ми е поттик плус за да продолжам со мојата работа и со проширувањето на лозовите плантажи. Целосната посветенот на земјоделството дава и добри резултати. Нашиот расадник и плантажите со лозов насад ги посетија директорот на мисијата на УСАИД во Македонија Роберт Њуерт од Америка и експертот од Италија Дамијано Аванзато. Имавме посета и од професори, производители и претставници на Министерството за земјоделство на Република Албанија – вели Мојсовска.

Таа е меѓу ретките кои гордо кажуваат дека се земјоделци. 

– Не значи дека ако човек работи земјоделство дека секогаш треба да биде нечист. Голем дел од луѓето грешат кога мислат дека ако работиш на нива треба да си запоставен, несреден и со валкани алишта – вели Мојсовска, која со часови може да ви зборува за земјоделството и вели дека тоа ~ е во крвта. 

Ретки се земјоделците како неа во Македонија. Вообичаено најголем дел од земјоделските производители се жалат дека од утро до мрак работат, а дека земјоделството не се исплаќа оти нема пласман и добра цена за земјоделските производи. Таа, пак, ве пречекува со насмевка и ве испраќа со насмевка. Во меѓувреме со задоволство ви зборува за земјата од која егзистира нејзиното семејство. Зрачи со позитивна енергија и полна е со оптимизам дека доаѓаат подобри времиња за македонскиот аграр.

Светлана Дарудова

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …