Почетна / Вести Македонија / Милион евра за цвеќе за 8 Март

Милион евра за цвеќе за 8 Март

Речиси 80 отсто од цвеќето што се продава на домашниот пазар е од увоз и тоа најмногу од Холандија, Германија и Шпанија.

 

Македонија годишно троши над три милиони евра за увоз на цвеќе. Најголемиот увоз од речиси еден милион евра е во првите два месеца од годината кога се покриваат два празника, Свети Валентин, кој кај нас секоја година с` повеќе се прославува и 8 Март, Денот на жената. 

Податоците говорат дека се увезува пред с` режено цвеќе и тоа најмногу од Холандија, Германија и Шпанија. Меѓутоа, увезуваме и од Kенија, Еквадор и од Србија. Само од Холандија годинава влегло цвеќе во вредност од 300.000 евра. Она во саксии главно се увезува од Италија и од Холандија, а мал дел се произведува и кај нас. Најмногу се увезува лале, крин, стрелиција, ружи, орхидеи, а дома се произведува циклама, гербер, ирис, каранфил и кала.

Фирмите што работат со увоз на цвеќе велат дека ова е многу тежок бизнис кој годинава во услови на криза многу тешко ќе преживее. 

– Речиси 80 отсто од цвеќето што се продава на домашниот пазар е од увоз. Нашето главно се извезува и тоа е апсурдно бидејќи излегува дека домашните продавници за цвеќе повеќе им веруваат на увозниците, отколку на домашните производители. Затоа ние најчесто завршуваме на зелените пазари – велат производителите.

Професорите од факултетот за земјоделство и храна велат дека никој во државава не води сметка за тоа колку се произведува цвеќе дома, а колку се увезува.

– Последните истражувања од оваа област се правени пред десетина години кога во земјава оваа гранка беше на самиот почеток на развојот. Денес ова е семеен бизнис кој се развива на мали парцели, а производството главно се продава по пазарите, велат професорите.

Тие посочуваат дека кај нас главно производството е по пластеници, а само мал дел е во стакленици кои се во приватна сопственост. Производството во стакленици е многу скапо бидејќи бара затоплување во текот на зимата кога температурите се многу ниски. А со цените на мазутот, поевтино е да се увезе од држави во кои цвеќарството е традиција отколку да се произведува дома. Според нив, најмногу режен цвет во земјава се произведува во Гевгелија, Валандово, Струмица и во Скопје. 

– Најголем проблем е што големите стакленици кои се загреваат со геотермални води се во сопственост на стопанства кои подолго време не работат. Голем дел од нив се распаднати поради неодржување, а оние што се во добра состојба се користат за производство на раноградинарски зеленчук кој подобро поминува на пазарот и е поскап, велат земјоделците.

Фармерите објаснуваат дека најголемото домашно производство на цвеќе се продава по пазарите на мало.

– Веќе десетина години имам тезга на пазарот Буњаковец. Производството го наследив од моите родители кои порано главно продаваа расад за пролетни цвеќиња. Сега произведувам и саксиско цвеќе, но и покрај големото производство, сам го продавам главно на тезга. Најмногу промет имаме пред празниците, какви што се 8 Март и Свети Валентин – вели Стефан Трајковски од скопското село Зелениково. Тој иако по професија е земјоделски инженер од хортикултурна насока, сам продава на тезга бидејќи вели дека заработката е мала и не може да вработи некој за да му помага. 

– Увозот ни го уништува производството, се увезува с` и сешто, нема квалитет, но нашите цвеќарници и покрај тоа купуваат увозно цвеќе. Според нив, подобро е с` што е увезено, а не се свесни дека тие растенија се одгледани за друга клима – вели Трајковски.

Увозниците, пак, велат дека нашето цвеќе е понеквалитетно од увозното, се произведува стихијно и дека цените се многу високи. 

– Годинава увозот е ист како минатогодишниот до овој период. Резерви речиси и немаме во магацините. Главниот увоз ни беше на ружи, каранфили и орхидеи. Годинава првпат има голем увоз и на саксиски едногодишни цвеќиња, кои беа многу евтини на холандскиот пазар. Сега на потег се помалите цвеќарници кои ги купија растенијата од нас. Kако ќе поминат, допрва ќе видиме, велат увозниците.

Валентина Ангеловска

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …