„Суташ“ – новиот сопственик на Сведмилк ќе ги користи дистрибутивните услуги на Пекабеско во Македонија
Водечките компании во бизнисот со сувомеснати и млечни производи и дистрибуција од Македонија и Турција, Пекабеско и Балканска млекара потпишаа долгорочен договор за соработка. Во следните 5 години, Балканска млекара – наследникот на поранешниот „Сведмилк“, со овој договор ќе ја користи дистрибутивната мрежа на компанијата Пекабеско, која е една од најголемите и најраспространетите во земјава.
По тој повод, првиот извршен директор на Пекабеско, Слободан Кутревски изјави: „Задоволни сме од постигнатиот договор, како и од довербата која најголемата турска млекара „Суташ“ ја има кон нашата компанија. Уште еднаш покажавме дека Пекабеско е водечки бренд не само во месната и сувомесна индустрија, туку и во дистрибутивната и логистичката дејност во Македонија. Балканска млекара е најновата во низата на регионални и светски компании и брендови кои ги користат диструбутивно – логистичките услуги на нашата компанија и ни ја даваат својата доверба“.
Како што неодамна најави генералниот менаџер на Суташ за Македонија, Али Мусвик Созер, Балканска млекара ќе започне со работа во мај оваа година. Капацитетот на оваа млекара е 180 тони млеко дневно, а досегашната инвестиција во нашата земја од 10 милиони евра обезбеди 50 нови вработувања. Оттаму, најавуваат дополнителна инвестиција од 5 милиони евра до крајот на годината, а бројот на вработувањата да достигне до 200.
Инаку, Пекабеско располага со дистрибутивна мрежа која се состои од повеќе од 40 возила и над 50 вработени само во дистрибутивно логисичкиот сектор. Компанијата располага и со 4000 m2 складишен простор и магацини, а секојдневно врши дистрибуција за десетичи домашни и меѓународни компании, односно повеќе од 270 различни производи.
„Суташ“ е седум години водечки бренд во млечната индустрија во Турција. Вработува 4.000 лица, а има 750 милиони литри производство и 69 производи во шест категории. Минатата година, Суташ ја купи „Сведмилк“.