Почетна / Вести Македонија / Десет илјади јагниња останаа за дамазлак

Десет илјади јагниња останаа за дамазлак

Дел ќе остават за зголемување на стадата, но, со останатите не знаат што да прават. Се жалат дека цената на храната и понатаму расте, а трговците, поради зголемената тежина, не сакаат да ги откупуваат ваквите јагниња.

За католичкиот Велигден само десетина илјади јагниња од велешко завршија на трпезите во Италија, Хрватска и Словенија. Од Грција, поради кризата, не беше откупено ниту едно јагне. Сточарите се незадоволни од пласманот и од ниската откупна цена, велат дека седум до десет илјади јагниња им останаа непродадени. Дел ќе остават за зголемување на стадата, но, со останатите не знаат што да прават. Се жалат дека цената на храната и понатаму расте, а трговците, поради зголемената тежина, не сакаат да ги откупуваат ваквите јагниња.
-Годинава не сме задоволни и од пласманот и од откупната цена. Се е поскапо, а откупната цена на јагнињата е помала. Лани ги продадов по 160, а годинава по 140 денари за килограм. Продадов 450 јагниња. Ми останаа уште 200, но, што е тука е. Со субвенциите донекаде ќе се покриеме, а печалба нема. Женските јагниња ќе ги оставам за дамазлак, а со машките не знам – вели Стево Трајковски од селото Теово.

Велешките сточари се надеваат дека за православниот христијански празник Велигден ќе продадат дел од младите јагнињата. Поголемите пак, велат дека ќе ги нудат на трговците по далеку пониска цена за извоз во некои од земјите од Блискиот Исток.
– Од 470 ми останаа 250 непродадени јагниња. Сто ќе оставам за дамазлак. Се надевав дека годинава ќе имавме повисока цена. Арно ама, како и секогаш, кајмакот ни го зедоа трговците. Срце ме боли кога гледам во месарниците како килограм јагнегшко го продаваа по 350 денари килограм, а нам ни го платија по 140 денари – вели Сафет Демиров од Горно Јаболчиште.

По продажбата на јагнињата сточарите од велешко годинава барем немаат проблеми со пласманот на млекото. Преработувачи, со специјални возила, редовно доаѓаат и го откупуваат млекото. И што е уште поважно и покрај тоа што не се задоволни од цената на млекото, парите ги добиваат редовно. Како мелем на рана сточарите навреме ги добија и субвенциите од Владата кои во многу им помогнаа да купат храна за јагнињата и овците. Инаку, во велешко има моментално околу 40.000 овци. До пред дваесетина години нивниот број беше двојно поголем. Бројот на стадата од година во година, е се помал. Сточарите велат дека со ваква откупна цена на јагнињата, млекото и волната бројот на стадата овци и понатаму ќе се намалува.

Извор: vecer.com.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …