Почетна / Вести Македонија / Млекото не треба целосно да се исклучи од исхраната

Млекото не треба целосно да се исклучи од исхраната

С` уште не сме детектирале дека млекото од домашно производство содржи афлатоксини, што значи дека може да се употребува, вели доц. д-р Гордана Ристовска.

 

Има ли замена за кравјото млеко и дали да прекинеме да го пиеме и да не им го даваме на децата поради можната затруеност со афлатоксини? Дали ќе се одрази врз детскиот развој ако извесен период не му давам да пие кравјо млеко или е најдобро повторно да почнам да му давам адаптирани млека? Kолку се штетни афлатоксините и дали навистина можат да предизвикаат рак на црниот дроб? Ова се само дел од прашањата што деновите ги поставуваат граѓаните по информациите за затруеност на млеката во регионот со канцерогени афлатоксини.

Доц. д-р Гордана Ристовска, специјалист по хигиена и здравствена екологија на Институтот за јавно здравје, одговара на дел од дилемите на граѓаните:

– Во овој момент, кога сме нападнати со информации дека млекото е контаминирано со афлатоксини, не значи дека секој вид млеко што е достапно на пазарот го содржи овој отров. С` уште не сме детектирале дека млекото од домашно производство содржи афлатоксини, што значи дека може да се употребува. Млекото е прехранбен производ со висока биолошка вредност и речиси е незаменливо во однос на содржината на хранливите материи и нивната искористеност во човековиот организам. Тоа значи дека треба да се консумира во количини кои се препорачани според возраста. Доенчињата до едногодишна возраст можат да бидат хранети со млечни формули (млеко во прав) кои се подготвени за нивна возраст. Децата постари од една година треба бидат на разновидна исхрана – да јадат и немлечни производи кои ќе ги задоволат потребите за белковини и за минерали што ги добиваат преку млекото. Тие не би требало да консумираат повеќе од 500 мл млеко дневно.

Има ли состојки што ги содржи само кравјото млеко и дали ќе страда организмот ако не се внесува млеко и од кои заболувања?

– Секако дека хранливите материи од млекото можеме да ги надоместиме со други производи, белковините со консумирање месо, јајца, грав, леќа. Kалциумот може да се надомести и со воведување суплементи во исхраната, односно препарати што содржат калциум, но мислам дека во овој момент млекото не треба целосно да се исклучи од исхраната.

Дали родителите, поради стравот од афлатоксините, можат на децата на што почнале да им даваат кравјо млеко сега да им даваат адаптирано млеко, додека не се расчистат дилемите и паниката во јавноста?

– Детектираните концентрации на афлатоксин М1 во млекото 0,152 микрограми/кг не се концентрации што ќе предизвикаат акутно труење или трајни последици, но секако дека штетно ќе влијаат врз организмот во смисла на оштетување на гастроинтестиналниот тракт и црниот дроб. Долготрајна и повторувана употреба на вака контаминирани производи ќе доведе до оштетувања на црниот дроб. Не велам канцерогени промени затоа што афлатоксинот М1 е во групата можни канцерогени супстанции и не е толку токсичен како афлатоксин Б1. Засега ние имаме информација дека на нашиот пазар нема млеко контаминирано со афлатоксин М1. (Љ.Б.)

Афлатоксините може да ги има и во сушеното овошје и во зачините

Што се афлатоксини и каде може да ги има?

– Афлатоксини се отрови што ги создаваат специфичен вид мувли aspergillus spp, кои растат и се размножуваат во зрнести видови прехранбени производи, како што се житните зрна (пченица, пченка, ориз), кикиритки, ореви, бадеми, кафе, зачини, сушено овошје. Поволни услови за раст и развој на овие мувли се високата температура и висок процент на влажност во складовите или при транспорт на зрнестата храна. Во случајот со контаминираното млеко, кравите се хранети со добиточна храна која била контаминирана со афлатоксин Б1, тој во организмот на кравата се матаболизира до афлатоксин М1 и се излачува со млекото. Луѓето консумираат млеко контаминирано со афлатоксин М1. Научните сознанија велат дека афлатоксин Б1 е сигурно канцерогена супстанција, но за афлатоксин М1 с` уште не постојат сигурни докази дека е канцерогена супстанција. Афлатоксни М1 е во групата на можни канцерогени супстанции според класификацијата на Меѓународната агенција за истражување на канцер (ИАРЦ).

Извор: dnevnik.mk

 

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …