Почетна / Вести Македонија / Бели рози за чисто Скопје

Бели рози за чисто Скопје

Оваа пролет, на терасите, во дворовите, на жардиниерите на прозорците сите се повикуваат да засадат бели рози-ползавци, повеќегодишни растенија, кои ги извлекуваат тешките метали од почвата.

 

Белите рози да станат препознатлив симбол на едно ново Скопје, град со модерни луѓе, кои се грижат за еколошката димензија и за општиот амбиент. Ова е мотото на новиот проект, кој ќе го спроведе Министерството за животна средина во соработка со градот Скопје и со приватниот сектор, со основна цел преку белите рози да се исчисти почвата од тешките метали.

Соња Лепиткова, државен секретар во Министерството, вели дека по примерот на лалето, кое е препознатлив симбол на Истанбул, и белата роза-ползавец може да стане заштитен знак на Скопје, така што ќе ја има секаде во градот.

– Во март, веројатно на Денот на пролетта, ќе ги повикаме сите граѓани на масовна акција за садење бели рози, по примерот на Денот на дрвото. Градот Скопје и приватниот сектор ќе се вклучат во проектот со садење рози по булеварите и на другите зелени јавни површини. Идејата не е ова да биде само една кампања со краток здив, туку да прерасне во традиција и с` повеќе да ги обзема скопјани. Оваа пролет, на терасите, во дворовите, на жардиниерите на прозорците, наместо едногодишните растенија, сите нека засадат бели рози-ползавци, кои се повеќегодишни декоративни растенија – апелира Лепиткова.

Иницијативата е поттикната од анализа што покажала дека белите рози се најдобар извлекувач на тешките метали од почвата. Анализата потврдила дека во ливчињата од белата роза најмногу се концентрира оловодиоксидот од сообраќајните издувни гасови. Освен тоа, Скопје има добри услови за одгледување на ова растение – на белите рози им одговараат климата, температурата, сончевите денови и влагата.

– Розата го извлекува оловото од почвата и го концентрира така што оневозможува тоа натаму да излегува од растението и да се врати во средината. Белата роза-ползавец има најинтензивен мирис од сите испитани рози. Од друга страна, дрвјата ги собираат правта и другата нечистотија врз листовите и таа повторно се разнесува при дожд и ветер. Се покажа дека јаворот и костенот, кои штетните материи ги таложат во кората, се најпожелни видови дрва за во Скопје. Тие веќе се садат. Сите нови дрвореди се јавори, а оваа есен градоначалникот Трајановски во паркот во Kапиштец засади 500 бели и 1.000 други рози, па наскоро просторот ќе процвета, зашто розата е во вегетација 200 дена годишно – вели Лепиткова.

Министерството подготвило леток со информации за граѓаните како розата ја чисти почвата, како ги вади металите, како се сади и негува.

Според Локалниот еколошки акционен план на Град Скопје (ЛЕАП), почвата е загадена со олово, кадмиум, никел, бакар, а загадувањето е најинтензивно долж големите сообраќајници и покрај индустриските комплекси. Според испитувањата, над 50 отсто од испитаните примероци почва имаат поголема концентрација на олово од референтната вредност според холандските стандарди, која изнесува 85 микрограми на килограм.

– Најмали концентрации на олово има во западниот (Ѓорче Петров, Сарај и Kондово) и во јужниот дел на градот (Водно). Делумно загадени почви со концентрации под интервентната вредност (530 мг/кг) има во централното градско подрачје, патот Скопје-Приштина и, пред с`, во индустрискиот дел. Градското подрачје е позагадено со олово од руралниот дел. Висококонтаминирани почви со олово се констатирани покрај сообраќајниците во Автокоманда, каде што содржината е во интервал од 70-100 мг/кг, како и во триаголното подрачје од надвозникот кај Бит-пазар, касарната „Гоце Делчев“ до населбата Шуто Оризари. Најголема контаминација со олово има во одводниот канал на Усје и тоа 1.500 мг/кг – се вели во ЛЕАП.

Розите го чистат и Велес

Белите рози ќе го чистат и Велес од тешките метали од топилницата за олово и цинк.

– Тргнувајќи од корисноста на белата роза во извлекувањето на металите од почвата, во соработка со швајцарската амбасада, спроведуваме пилот-проект на простор каде што има олово од топилницата. Таму се засадени бели рози и идејата е да видиме во рок од пет години колку тие ќе успеат да исчистат. Сега сме во третата година од проектот. Ако проектот со белите рози биде успешен, заедницата може да има и финансиски бенефит – вели Лепиткова.

Соња Христовска

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …