Почетна / Вести Македонија / Канцерогеното млеко ни ги ококори очите

Канцерогеното млеко ни ги ококори очите

Според Организацијата на потрошувачи на Македонија, во земјава се друго има приоритет, а најмалку се води сметка за исхраната. Но, по откривањето на аферата со млекото со зголемено присуство на отровниот афлатоксин, се разбуди свеста и кај граѓаните и надлежните инспекции.

Македонските граѓани досега не ги интересира(ше) што јадат и што пијат, бидејќи за една година до Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) имало само две поплаки што се однесувале за храната, се останато било поплаки за лошите јавни услуги, банкарските услуги, гаранциите на домашните апарати, онлајн купувањата, осигурителните услуги.
Златко Јолевски, правен советник во ОПМ, смета дека тоа може да биде и позитивен знак дека во земјава и нема некои посебни проблеми со квалитетот и безбедноста на храната.
– Едната поплака беше од граѓанин кој се пожали за месен производ на којшто имало две етикети со означен различен рок на употреба, а другата поплака е за бонбони со квалитет којшто не одговарал на оригиналниот – вели Јолевски.

Според ОПМ во земјава се друго има приоритет, а најмалку се води сметка за исхраната.
Процентот на небезбедна храна во Македонија е преполовен: од 5,3% во 2008 година на 2,4% во 2011 г. укажаа експертите на трибината што се одржа во Општина Гази Баба како дел од проектот Подобрување на јавната свест за безбедноста на храната”. Според нив, истовремено намален е и бројот на заразни заболувања што се пренесуваат преку храната: од 20.309 во 2008 година на 14.210 во 2010-та, а пестицидите и нивните резидуи, бактериите, вирусите, микотоксините, тешките метали, нитратите, нитритите и диоксините се најчестите и најтоксичните загадувачи на храната.

Балканот го тресе афлатоксично млеко
И покрај овие податоци веќе една недела Балканот го тресе аферата за продажба на токсично млеко коешто содржи зголемени количини афлатоксини М1. Во скандалот покрај млекото од Хрватска и Босна и Херцеговина се приклучи и млекото што се увезува од Словенија, Унгарија, Германија и Србија. Босанската канцеларија за ветеринарство прва објави лабораториски анализи на мострите млеко земени од граничните премини. Оттаму информираа дека зголемена концентрација на афлатоксин има и во пратките со млеко од Словенија, Унгарија, Германија и Србија.

И македонската Агенцијата за храна и ветеринарство ги засили контролите на граничните премини, но и на домашен терен и покрај тоа што во досегашните редовни контроли на домашното млеко не е пронајдено присуство на оваа канцерогена материја. Афлатоксин нема и кај останатото увезено млеко што е во продажба, освен кај 360 литри Лагано јутроо на хрватскиот производител Дукат” кои се во магацинот на увозникот и ќе бидат уништени. Инспекторите на АХВ ги засилија контролите во фирмите-трговци и преработувачките капацитети во земјава.
Експертите укажуваат дека ова е само потврда дека следува криза на квалитетот на храната, бидејќи во трката за профит производителите на храна се почесто минимално ги почитуваат прописите што се утврдени во правилниците за храна. Токсичното млеко само ги отвори прашањата коишто подолго време тлеат, не само кај нас, туку и во светот, оти непобитен факт е дека опаѓа квалитетот на храната на светско ниво.

Скандалот исто така ја покажа и порозноста на граничните премини, но и податокот што стана редовна пракса кај нас, дека кај нас се е во ред, немаме токсично млеко, уште пред да се дочекаат лабораториските анализи.

Во Србија деновиве на неколку дебатни емисии се постави прашањето какво е месото на кравата што го дава ова млеко и каде завршува тоа месо. Што е со токсичната пченица која беше повлечена од исхраната на луѓето, каде заврши таа? Дали таа стана храна за животните? Какво месо се продава?

Одговорот е побаран во српскиот Институт за хигиена и технологија на месото, но дали во ова месо има афлатоксини засега нема одговор за српската јавност, но само апел дека нема место за паника.

Колку е безбедно македонското млеко?
Лабораториски анализи на увозното млеко што влегува во земјава се прават на 50% од пратките. Ова, според Агенцијата за храна и ветеринарство не треба да прави заблуда кај јавноста во однос на безбедноста на увозното млеко, бидејќи секоја земја има законска обврска со мониторинг програмата да врши лабораториски анализи на суровото млеко, врз основа на што на граничните премини млекото стигнува со сертификат за безбедност. Според експертски мислења, таквите контроли се легитимни за млека увезени од Европската унија, но не и за земји кои не се членки на ЕУ.
– Од каде може да бидеме сигурни во нивните лаборатории. Доказ за тоа се последните случувања со млекото кое веќе беше влезено во земјава, но за среќа остана во магацините. Ние имаме добри законски акти, но лошо се реализираат – вели Борис Анакиев, пензиониран професор од Факултетот за земјоделски науки и храна.

Кај домашното млеко лабораториски анализи се прават само на суровото млеко, но не и на финалните млечни производи. Во согласност со мониторинг програмата, годишно Агенцијата е должна да испита 81 мостра сурово млеко и во ланските не е утврдено присуство на афлатоксин.
– Но, со Правилникот за безбедност на храна не е задолжително испитувањето на афлатоксин на финалните млечни производи. Но, тоа не треба да создаде паника кај потрошувачите во однос на безбедноста на млекото, бидејќи штом резултатите од суровото млеко се негативни, тогаш афлатоксинот го нема и во финалните производи – велат од АХВ и најавуваат дека се подготвуваат измени на Правилникот, според кои и лабораториските анализи на финалните производи ќе бидат задолжителни.

Што се однесува, пак, на храната што ја јадат кравите, македонскиот Државен инспекторат за земјоделство уверува дека добиточната храна увезена од Србија е безбедна и сигурна за употреба, бидејќи тоа го потврдиле и анализите на Институтот во Штип. Како што досега неколкупати изјави директорот на Инспекторатот, Румен Стаменов, анализите на српската пченка што беа засилени во декември 2012 по алармот дека е токсична, покажаа присуство на патогената бактерија фусариум од 4 до 5 отсто, но не и на габата аспергилус, која произведува афлатоксин.

Минатата година се увезени вкупно 2.155 пратки или 54.935 тони српска пченка за добиточна исхрана, а во јануари оваа година – 64 пратки или 1.657 тони.
– Никаде не наидовме на надминување на количеството на афлатоксинот. Граѓаните, како консументи на млеко, не треба воопшто да се грижат, нека бидат сосема спокојни – посочи Стаменов и појаснува дека ако количината афлатоксин во сточната храна е зголемен, ќе предизвика промени кај животните, а кај луѓето масовни дизентерии, маститис, појава на абортуси.

Пораката од Државниот инспекторат е дека домашната пченка е со многу подобар квалитет и е најбезбедна за употреба како добиточна храна.

Што е афлатоксинот и како влијае на здравјето на луѓето?
Афлатоксинот е производ кој се развивањето од мувлата аспергилус флавис и е дел од групата најканцерогени материи. Се јавува во пределите каде што владее влажна клима, но како последица на суша. Афлатоксинската мувла често се наоѓа во фрижидери, контејнери, силоси за складирање храна. Може да ја има во житарки, овошје, некои зеленчуци, кафе, какао, ореви, зачини. Храна со афлатоксини не го менува вкусот, нема мирис и затоа тешко се препознава дека е затруена.

Афлатоксинот се појавува во млекото преку пченката која се користи како исхрана за добитокот. Овој токсин кој се наоѓа во млекото се смета за канцерогена материја, бидејќи негово поголемо внесување во организмот предизвикува труење, а најчеста болест е рак на црниот дроб. Афлатоксинот е отпорен и на температура од 200 степени, а може да биде уништен дури на 360 Целзиусови степени.

Кај сточната храна може да се додадат одредени минерали кои им овозможуваат на животните да го исфрлат отровот од организмот и да не го врзат во нивното месо.
По три до седум дена откако ќе се прекине исхраната на молзните крави со контаминирана храна, афлатоксините исчезнуваат од млекото. Но, има неколку видови храна кои се отпорни на оваа токсична материја, како што се соја, грав, пченица, овес и јачмен.

Токсичните ефекти на примарната акутна микотоксикоза се манифестираат како воспаление на органите за варење. Акутната афлатоксикоза се одликува со големо влошување на состојбата на организмот, внатрешно крвавење и смрт. Но, сепак да дојде до вакви промени мора да се внесе исклучително голема количина афлатоксин. Овој токсин може да предизвика рак на црниот дроб, абортуси, може да делува директно и кај гените, односно да ја менуваат ДНК-та.

Клиничката слика на афлатоксикосис
Најотровен е афлатоксинот Б кој во акутно труење прави нарушена координација на движењата, вртоглавица и парализа, проследено со пролив со траги од крв, крвавење, оток, жолтица и смрт. Се јавува анорексија, губење на тежината, вртоглавица, крварење во мукозните мембрани и пореметувања на нервниот систем. Кај кокошките заразени со афлатоксин се забележани депресија, слабост на нозете и на крилата. На момент човек чувствува нешто како мало растројство, но ако консумираат почесто храна со овој токсин, има ризик од цироза или рак на црниот дроб.

Најсилно канцерогено влијание има афлатоксин Б1 кој може да се открие дури во млекото или месото на животни кои консумирале загадена храна. Најмногу ризични производи за афлатоксинот Б1 се ореви, ориз, пченица, добиточна храна, суво овошје, зачини, свежи растителни масла. Освен млечните производи, палмини, соја и други масла, исто така би можеле да содржат афлатоксини.

Кога во организмот ќе влезе афлатоксин, црниот дроб ќе направи се за да го разложи на помалку опасни хемикалии. Американската Агенција за храна и лекови ФДА, вели дека повременото изложување на оваа хемикалија не е опасно за луѓето и дека таа често се наоѓа во природата. Возрасните лица имаат развиен механизам и висока толеранција на оваа хемикалија, бидејќи е широко распространета во природата. Доколку личноста е постојано изложена на нејзиното дејство, опасноста е поголема, а најчестата болест која се јавува како последица на тоа е токму рак на црниот дроб. Посебно се загрозени децата и тие секако би требало да ги избегнуваат производите кај кои постои ризик од загадување. Изложеноста на афлатоксин кај луѓето може да се открие преку анализа на крвта.

Европската унија има строги критериуми за дозволено присуство на афлатоксинот М1 во млекото. Во Хрватска е дозволена концентрација од 0,05 микрограми по литар млеко. Според д-р Драган Јоксовиќ ова млеко е токсично на долг рок, односно ако се конзумира еднаш или двапати, не предизвикува ништо, но ако секојдневно го консумирате за 5 години е голема веројатност дека ќе заболите од рак.

Мегле рекордер со концентрација 7 пати поголема од дозволената
Зголемена концентрација на афлатоксини е пронајдена во уште четири видови млеко во Хрватска. Примероците во кои Санитарната инспекција на хрватското министерство за здравје најде афлатоксин се земени од полиците на тамошните трговски синџири. Резултатите покажале дека од 12 примероци млеко покажано е кај четири дека имале афлатоксин над законски дозволената граница. Мострите се земени од четири производители од Хрватска, пет од БиХ и три од Европската унија.

Спорниот афлатоксин е пронајден во трајното млеко од 3,8% млечна маст на Дукат”, потоа во млекото на Меркатор” од 2,8% кое е произведено во Тузла. Афлатоксин е пронајден и во трајното млеко со 2,8% масленост на Лидл” , исто така произведено во БиХ, како и во трајното млеко на Мегле” каде е пронајдена најголемата концентрација на афлатоксин од дури 0,3 микрограми, што е дури седум пати поголема концентрација од дозволената.

Српскиот министер Горан Кнежевиќ наздрави со чаша млеко
Српскиот министер за земјоделство, Горан Кнежевиќ, завчера пред новинарите наздрави со чаша млеко, за да ги отфрли сите шпекулации, но и анализи на експертите.
– Здравјето на граѓаните не е загрозено, млекото во Србија е безбедно за употреба – изјави тој и се напи од млекото.
Минатата недела истото го стори неговиот хрватски колега.

Валентина МАРЈАНОВИЌ
Светлана БЛАЖЕВСКА


Извор: vecer.com.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …