Според новиот Закон за земјоделство и рурален развој, парите за откупениот род на земјоделците од годинава нема да се плаќаат на рака, туку само на трансакциска сметка. Рокот за исплата е еден месец, а во договор со трговецот средствата ќе можат да ги добијат и по пет месеци, пишува Дневник.
Во Владата велат дека исплатата на парите мора да биде преку трансакциска сметка бидејќи само така така државата ќе застане на патот на големите суми што беа во оптек без финансиска контрола. Експертите велат дека на ваков начин ќе се стави ред во овој дел од платниот промет, кој досега се одвиваше на црно бидејќи прекупците не плаќаа ништо кон државата и прометот беше надвор од контролата на банките. Но примената на оваа одлука донесе страв кај земјоделците поради тоа што нема механизам што ќе ја гарантира исплатата.
– Kако регистрирани земјоделци, отсега парите треба да ги добиваме преку трансакциска сметка. Тоа е добро бидејќи на ваков начин се задолжуваат и прекупците да се регистрираат и тие како нас да отворат трансакциска сметка. Се бара плаќањето да биде легално и нека биде така, нема ништо против тоа. Но мораме гласно да кажеме дека не се согласуваме што државата дозволува рокот на плаќање да биде 180 дена, што е долг период – вели Никола Димитров, земјоделец од Градско.
Земјоделците потсетуваат на многубројните случаи со лозарите со години кои чекаат да биде платено грозјето што уредно го предале, и тоа и на познати реномирани фирми, а пари не добиле. Затоа прашуваат дели сега е на ред сите да ја делат истата судбина. Затоа бараат да се воведе обврска купувачите да оставаат банкарска гаранција за земјоделците да бидат обезбедени и да си го наплатат откупениот род, а и рокот на исплата да се намали на еден месец.
Во Министерството за земјоделство велат дека согласно Законот за земјоделството, рокот на плаќање за откупот на земјоделските производи е еден месец, но по договор меѓу двете страни тој рок може да биде и подолг, но не повеќе од шест месеци.
Оттаму објаснуваат дека вака многу ќе се подобри сигурноста на откупот, додека сите останати аспекти од почитување на тоа што е договорено останува да бидат регулирани преку постојната регулатива во државата, која ги уредува облигационите односи помеѓу деловните субјекти.
Извор: kurir.mk