Почетна / Вести Македонија / Месарите и маркетите нема да смеат да продаваат рефус мелено месо

Месарите и маркетите нема да смеат да продаваат рефус мелено месо

Месото ќе се меле и пакува во производствени погони, а ќе смее да се прави од свежо или смрзнато месо од прва и втора категорија, без додавање масти, соја, остатоци од животни, вода и слично.

Рефус мелено месо месарниците и маркетите ќе продаваат само уште еден месец. Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) најавуваат дека од крајот на септември конечно ќе почнат да се применуваат одредбите од Правилникот за барањата во однос на квалитетот на меленото месо, според кои рефус меленото месо како категорија ќе исчезне, а ќе се продава само соодветно пакувано и декларирано. Во месарница ќе може да се меле само по барање на купувачот и тоа пред него, од парче месо кое тој ќе го одбере. Свежото месо ќе продолжи да се продава како и сега, а производителите и трговците сами ќе одлучуваат дали дел од него ќе продаваат пакувано и претходно измерено.

Правилникот, со кој за прв пат по осамостојувањето на државата се уредува што треба да содржи меленото месо и како да се продава, стапи во сила пред неколку месеци, но примената се одложи за да можат да се направат подготовките. Директорот на АХВ, Дејан Рунтевски, потенцира дека и досега меленото месо било контролирано и безбедно за консумирање, но сега,со новите правила се оди чекор понапред. Се одредува од кои парчиња месо треба да се прави, на кој начин и што да содржи. Со Правилникот мелено месо може да се прави само од месо од прва или од втора категорија. Во него не смее да има сврзно ткиво, кожа, ‘рскавици, ниту внатрешно органи од животни. Забрането е користење саламурено месо и додавање вода и сол. За мелење може да се користи замрзнато месо, но не подолго од 18 месеци за говедското, 12 месеци за овчото и шест месеци за свинското. Меленото месо според овие критериуми треба да е подготвено во производствен капацитет, спакувано и соодветно декларирано. Исто така, се утврдуваат и посебни правила за правење колбаси за продажба.
– Од наредната недела ќе одржиме повеќе работилници за производителите и продавачите на месо на кои ќе бидат информирани за новите правила за месото. Откако ќе стапи во сила Правилникот, ќе има засилени контроли за да се види дали се применува – вели Рунтевски.
Рефус меленото месо во продавниците се уште го има во големи количини. Помалите месарници не се задоволни поради воведувањето на новите правила, зашто, како што велат, меленото месо е најпродаваната категорија, а кога ќе стапат во сила измените, ќе поскапи. Во поголемите производни капацитети, пак, велат дека биле подготвени за новиот начин на производство на мелено месо уште кога правилникот почна да се прави, но и тие најавуваат извесно поскапување на најпродаваното месо. Месарите откриваат дека сега, кога го мелат, во месото додаваат и ‘рскавици, делови од главата, од дијафрагмата, од нозете на животните, масно ткиво, а и соја и вода за да биде потешко, па токму затоа е далеку поевтино од свежото.

Во поголем дел од земјите од регионот уште пред неколку години се донесоа правилници за меленото месо слични на македонскиот, со кои се забранува продажба на готово мелено месо. Во Србија и Хрватска новите правила важат од пред две години, но ретко кој ги почитува.

Извор: vecer.com.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …